Контролорите на летање низ светот имаат заедничка цел која посветено ја реализираат, а тоа е преку синтеза на безбеден, ефикасен и економичен систем на контрола на летање и сопственото специфично знаење, вештини и искуство светот да добие безбеден авиосообраќај, истакнуваат од Македонска навигација (М-НАВ) по повод Светскиот ден на контролорите.
Претседателот на Управниот одбор и извршен директор на М-НАВ Николче Тасески во честитката по тој повод наведува дека брзото пребарување на интернет ќе потврди дека во просек дневно има приближно 100.000 летови кои се дел од општата авијација, приватни, комерцијални и карго летови кои ги опслужуваат контролорите на летање.
Тасески ја нагласува значајноста на оваа, како што потенцира, најпредизвикувачка професија, наведувајќи дека за безбедноста на тие летови се грижат професионалци, мажи и жени, познати како контролори на летање за кои, за жал, јавноста многу малку знае и за нив дознава само од наслов од медиуите за сторена грешка или во случај на воздухопловна несреќа, а ретко се слават нивните успеси.
Според Тасески, потребна е промоција на оваа професија, бидејќи овие професионалци се значаен дел од најбезбедниот начин на превоз во светот и оти тие имаат максимална одговорност за сигурноста во непријатни моменти за време на летот.
-Овие чувари на небото работат со максимална посветеност и концентрација, брзо и ефикасно притоа применувајќи го сето стекнато знаење, искуство и вештини. Тие немаат можност да го слушнат она благодарам кое обично е насочено кон пилотите и екипажот на летот, ниту да ја видат насмевката после успешно завршен лет, затоа барем на овој ден да го одбележиме нивниот придонес со едно големо благодарам, се вели во соопштението од М-Нав од каде на контролорите на летање им посакуваат успешно работење, опслужување на поголем број летови и им се заблагодаруваат за нивната посветеност кон безбедноста на сите патници.