Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на А.Д. Пошта на Македонија на 14 април ќе организираат генерален штрајк, поради неисполнување на нивното барање за покачување на платите на вработените во ова претпријатие, во износ од 3.000 денари.
Причината за штрајкот, како што посочи на денешната прес-конференција претседателот на Синдикатот на Македонска пошта, Боро Велигденов, доаѓа по неуспешниот трипартитен дијалог меѓу Управниот одбор на Пошта на Македонија, Владата и Синдикалните организации на Пошта на Македонија.
-На 8 февруари синдикалните организации на Македонска пошта до Управниот одбор и генералниот директор доставивме барање за линеарно покачување на платите на вработените во висина од 3.000 денари, но ниту добивме одговор, ниту бевме повикани од генералниот директор за реализација на нашето барање. Во меѓувреме, одржавме и средба заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, Управен одбор и синдикални организации за реализација на нашето барање. Договоривме рок од 7 дена да се даде одговор на нашите барања, но по истекот на рокот ниту добивме одговор, ниту бевме повикани на повторна средба, рече Велигденов.
Генералниот штрајк на вработените ќе се одржи со почеток во 8 часот на нивните работни места во Македонска пошта и низ целата држава во сите подружници.
Штрајкот ќе трае се додека не се исполнат нивните барања. Велигденов напомена дека причината за штрајкот е и загриженоста кај над 2.200 вработени за иднината на компанијата и неизвесноста од зачувување на нивните работни места, непокачување на платите повеќе од 30 години, супстандардни услови за работа, повеќегодишно необезбедување на средства за работа, но и незадоволство на вработените од постоечката систематизација, како и нереализирање на дел од барањата на вработените и Синдикалните организации наведени во Заклучоците од 15.10.2021 годиина.
Тој додаде дека согласно Законот за поштенски услуги, имаат обврска да го почитуваат членот 49 и да обезбедат прием, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки кои се однесуваат на препорачани судски пратки, препорачани пратки од безбедноста и одбраната и одредени други препорачани пратки кои се наведени во законската регулатива. Сето останато, како што рече, ќе биде во прекин за време на штрајкот.
Дарко Димовски, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија на прес-конференцијата напомена дека на 15 октомври заедно со синдикалните организации имале средба со генералниот директор Јани Макрадули каде што, како што рече, јасно и гласно им било кажано дека согласно со порастот на минималната плата, линеарно за 3.000 денари ќе се зголемат сите плати во АД Пошта.
-Ете минималната плата е 18.000 денари, но директорот Јани Макрадули не се одзва на неговото ветување и затоа го искажуваме нашето незадоволство, бидејќи не може да се крие позади Законот за минимална плата, при што и тој Закон јасно кажува во членот 8 треба скалесто да се усогласат тие плати.