Пошта на Македонија се одликува со постоење на „гломазен“ систем што го оневозможува и забавува долгиот и скап процес на реорганизација, и тоа во насока на унапредување на работењето, соодветно справување со конкуренцијата и нејзино полесно адаптирање кон работењето во согласност со сите правила за претприемништво и работа во услови на слободна пазарна економија.

Со вакво образложение Владата препорача повторно петто одложување на либерализацијата на поштенскиот пазар со што Пошта на Македонија и натаму ќе го задржи ексклузивитетот во цената на резервираните поштенски услуги што опфаќаат прием, пренос и врачување пратки за кореспонденција (писма и поштенски картички) и пратки на директна пошта до 50 грама. И приватните поштенски оператори имаат право да ја извршуваат и резервираната поштенска услуга, но со цена најмалку два и пол пати повисока од цената по која давателот на универзална услуга носител на индивидуална дозвола ги обезбедува пратките од резервираниот дел.

Националниот оператор да ја модернизира поштенската мрежа уште една година 

Во законски измени за одложување на либерализацијата е наведено дека националниот оператор нема технички можности, односно систем за вршење посебно сметководство што детално ќе дава приказ на трошоците за обезбедување услуги, а ценовната политика ќе се базира на претпоставен трошок. Тоа истовремено значи неможност за користење на компензацискиот фонд како право на надомест на нето-трошоците што настанале со обезбедувањето на универзалната услуга доколку давателот на универзалната поштенска услуга докаже дека трошоците се повисоки од приходот остварен од обезбедувањето на универзалната услуга во претходната година. Целта е да не се доведе во прашање обезбедувањето, односно одржувањето на потребното ниво на квалитет на извршените поштенски услуги/квалитетот на универзалната поштенска услуга за корисниците како услуга од општ и јавен интерес. Се остава простор националниот оператор да инвестира во осовременување на поштенската мрежа и во креирањето и на други (нови) услуги, што ќе придонесе за неговата одржливост преку давање поквалитетни поштенски услуги за граѓаните, стои во образложението.

Кон одлуката за одложување на либерализацијата, се појаснува, е земена предвид и препораката дадена во Белата книга на Агенцијата за пошти, која во рамките на своето работење и надлежности како регулатор се залага за спроведување на процесот на либерализација на укинување на ценовниот монопол и препорачува дека е потребна целосна либерализација најдоцна до 2020 година.

Директорката на регулаторното тело – Агенцијата за пошти, Билјана Аврамовска Ѓоревска, на крајот на минатата година изјави дека не треба да се менува предвидениот датум за либерализацијата и порача дека укинувањето на резервираните услуги ќе значи зголемена конкурентност на пазарот.

– Поттикот што доаѓа од технолошкиот напредок и дерегулацијата ќе резултираат со попристапни цени за крајните корисници, што во услови на глобален поштенски пазар ќе претставува есенцијална мерка со која крајните корисници нема да бидат изолирани од придобивките на рапидните промени на светско ниво, изјави Аврамовска Ѓоревска.

Укинување на монополот на Пошта на РСМ во неколку наврати бара и Европската комисија во извештаите за напредокот на државата.

– Препораките се дека пазарот треба да биде либерализиран до 1 јануари 2020 година, а тоа е датум што веќе тропа на вратата. Македонска пошта, односно назначениот поштенски оператор за унвиерзална услуга мора да воведе посебно сметководство и пресметување на нето-трошоците за воопшто пазарот да биде либерализиран. Истовремено властите мора да ја почитуваат независноста на Агенцијата за пошти и да се зајакнат административните и регулаторните капацитети на ова тело, изјави неодамна Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во делегацијата на ЕУ во Скопје, претставувајќи ги предизвиците за поштенскиот сектор во државава од извештајот на ЕУ.

Се намалува обемот на писмата и поштенски картички, раст кај пакетите 

На поштенскиот пазар во државава покрај АД Пошта на Македонија моментно работат 40 лиценцирани даватели на поштенски услуги со општо овластување за обезбедување поштенски услуги.
Последните податоци на АП за обемот на поштенскиот пазар покажуваат дека во државава има 18,7 пратки по глава на жител. Во 2018 година имало 39.025.313 поштенски пратки, за 3,87 проценти помалку споредено со 2017 година кога имало 40.594.596. За четири години, во 2018 споредено со 2014 година, има намалување за 10 милиони пратки. Ако во 2014 година националниот оператор имал 46.843.550 пратки, тој број во 2018 година се намалил на 35.374.684. Кај приватните даватели на поштенски услуги, пак, во тој споредбен период има намалување за околу 600 илјади пратки.

Анализите покажуваат дека обемот на кореспонденција (писма и поштенски картички) опаѓа, а се зголемува обемот на пакети.

Во 2018 година во рамките на универзалната услуга отпаѓаат 35.110.492 пратки, односно 99 проценти од вкупниот обем. Пренесени се 33.357.187 писма и картички, 88.481 пакет, 1.595.884 печатени, како и 68.940 пратки што биле директна пошта.

Македонска пошта остварениот обем на поштенските услуги најмногу го генерира во внатрешниот поштенски сообраќај (87 проценти). Претпријатието забележува големо опаѓање на обемот на пакетите од 20 проценти во 2018 во однос на 2017 година. Тенденцијата на намалување на обемот на пакети е од 2014 година.

Граѓаните претпочитаат вредносни и препорачани поштенски пратки

Анализите покажуваат дека вкупниот обем кај даватели на поштенски услуги постојано се зголемува и во 2018 во однос на 2014 година бележи раст од 44 проценти. Во 2018 година има голем пораст на обемот на пратки за кореспонденција кај давателите на слободниот пазар, што, како што велат од Агенцијата за пошти, укажува на развивањето на пазарот на поштенски пратки. Зголемувањето на пратките за кореспонденција кај давателите на поштенски услуги на слободен пазар е над 100 проценти во однос на 2017.

Најголем процент од пратките за кореспонденција се однесуваат на вредносни и препорачани услуги, што укажува дека корисниците најмногу користат услуги за кои се гарантира од губење, оштетување… Доминираат вредносните пратки со 49 проценти, по што следуваат препорачаните со 27 проценти, па курирските услуги со 20 проценти, експерсните со два процента.

Обемот на пакетите кај приватните поштенски оператори во 2018 година бележи зголемување од седум проценти во 2018 во однос на 2017 година. Приватните оператори забележително својата работа ја концентрираат во обезбедување на услугата пакети, што е и очекувано со оглед на трендот на зголемување на обемот на оваа услуга и на другите поштенски пазари под влијание на развојот на електронската трговија.

Приходите од поштенскиот сектор во 2018 година изнесувале 1.878.067.347 денари и тие учествуваат со 0,3 проценти во вкупниот БДП.

Универзалната поштенска услуга во државава е достапна преку 333 поштенски единици за прием на пратки, 374 поштенски сандачиња и 6.539 поштенски фахови.

Во однос на вкупниот обем на поштенски пратки бројот на рекламации е намален, а поднесените најмногу се однесуваат на препорачаните пратки. Кај 31 претставка испратени лани до регулаторот има пораст на поплаките за работењето на давателите на поштенски услуги, при што доминираат тие поради незадоволство за пратки со откупнина.

Лидија Велковска за МИА