Од јануари до август годинава е намален бројот на работници во индустријата, а во истиот период, според Државниот завод за статистика (ДЗС) се зголемило индустриското производство во Македонија.

Индустриското производство во периодот јануари – август 2022 година бележи зголемување за 1,1 отсто во однос на истиот период лани, додека во август 2022 во споредба со август 2021 раст од 0,2 процента, соопшти ДЗС.

Според ДЗС, гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во август 2022 година, во однос на август 2021 година бележи пораст од 2,4 отсто, во секторот Преработувачка индустрија зголемување од 2,5, додека во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 11, 5 отсто.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во: Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во август 2022 година во однос на август 2021 година, бележи пораст кај Капитални производи за 13,1 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 12,8 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 3,6, додека опаѓање бележи кај Енергија за 9,4 и Интермедијарни производи, освен енергија за 4,8 проценти.

Бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – август 2022 година е намален за 1,6 отсто во однос на истиот период лани, додека во август 2022 година бележи пад од 0,9 отсто во споредба со август 2021 година.

Како што соопшти ДЗС, бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во август 2022 година, во однос на август 2021 година, бележи опаѓање од 3,5 отсто, во секторот Преработувачка индустрија опаѓање од 0,8, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 0,2 процента.

Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во август 2022 година, во однос на август 2021 година, бележи опаѓање кај Енергија за 6 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,1 отсто, додека пораст бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 0,6, Капитални производи за 5,4 и Tрајни производи за широка потрошувачка за 0,6 отсто.