Скандалозно делење државни пари за финансирање на непостоечки здруженија во странство, објави Македонската заедница во Малта на својата страница „Македонците во Малта“ на Фејсбук.
– Агенцијата за иселеништво доделува грантови на непостоечки здруженија во Малта. Доделен е грант од 106.400 денари за некаков си проект „Тоа сум јас и никој друг“, објавуваат на нивната страница на Фејсбук.
Тие упатија и јавен повик да се испита овој и слични случаи:
– Јавно го повикуваме директорот на Агенција за иселеништво Никола Салваринов да достави уредна документација за увид на целокупната јавност, акт од „ФДМ – Малта“, одобрено како здружение од властите во Малта, нивно седиште и членови на истото! Воедно бараме да се достави нацрт од проектот. Што е целта на овој проект и како е планирано да се спроведе и да се потрошат овие пари, повикуваат од Македонската заедница во Малта.
Тие упатуваат повик и до новинарите и медиумите, како и до надлежните органи, да спроведат истрага за одлевање на пари од граѓаните, како што тврдат, на сомнителни организации.
– Воедно ве информираме дека нашите правници веќе работат на покренување постапка за лицата кои лажно се претставуваат како здружение (не регистрирани) и за директорот на Агенција за иселеништво, објавуваат од Македонска заедница во Малта.