За двонеделни активности (посетени преку 70 фарми, земени над 80 крвни проби и извршена дезинфекција) кои ме чинеа најмалку 30 000 денари, добив 160 денари поврат од државата. Толку изнесуваше фактурата која ми беше исплатена.

Вака накусо ветеринарот Слободан Димитровски од Делчево објаснува со што се соочува неговата струка веќе подолго време. Во основа на сите проблеми, вели, се цените на услугите. Од Ветеринарната комора тоа го илустрираат со примерот дека еутаназија на свиња чини 110 денари, а нес-кафе во ресторан е 130.

Ветеринарите вчера го „кренаа гласот“. Отидоа и пред Владата за да ги соопштат своите барања: усвојување на методологијата за формирање цени која е веќе утврдена, итно зголемување за 30 отсто на сите цени за превентивните ветеринарни услуги кои се на товар на државниот буџет, како и 50 отсто кофинансирање на вакцинацијата против болеста ентеротоксемија кај овци и кози.

Премиерот Димитар Ковачевски беше службено отсутен, но од неговиот Кабинет добија ветување за средба во најбрз можен рок.

Ветеринарите претходно беа „извисени“ од директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски кој поради професионални обврски не дојде на јавниот состанок што го организираше Ветеринарната комора и на кој уште еднаш беше укажано дека ветеринарните друштва се во многу лоша финансика и материјална состојба, дека кубурат со човечки ресурси, како и дека нивниот опстанок е доведен во прашање. Залудно се упатија и кон АХВ зашто Бабовски беше во Влада, на седница на Економскиот совет.