Машкото вокално трио од Културно-уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце е добитник на Гран при наградата за најдобра изведба на 47. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што  заврши синоќа на Рудина, Долнени. Гајдата на Пеце за најдобар гајдаџија ја доби Филип Арилон од Велес.

Според жирито, етномузиколози, д-р Родна Величковска и м-р Стојанче Костов од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и д-р Горанчо Ангелов од Музичката академија при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, машкото вокално трио од КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце многу успешно го претставува посебното гласоечко пеење од долно-полошкиот регион кое е заштитено од УНЕСКО како нематеријално културно наследство. Младиот гајдаџија Филип Арилон успешно ги пренесе звуците на гајдата, покажувајќи ја умешноста на свирењето на овој народен инструмент.

 

На Фестивалот се доделени и 10 специјални награди-статуетки за успешно негување на изворниот мелос од групи и поединци.

47. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ се одржуваше на 2 и 3 јули во Прилеп и на Рудина, Долнени. Годинава учествуваа околу 320 изведувачи, групи и поединци, од сите краишта на земјава. За првпат по 25 години на Фестивалот одекнаа звуците на оригиналната гајда на основачот и големиот уметник Пеце Атанасовски. Се одржаа и онлајн Семинар за изучување на народните инструменти и песни со 12 млади учесници од Кочанско и Прилепско и Симпозиум на тема „Фолклорот во минатото и денес“ со еминентни етномузиколози, а е издаден и Зборник на трудови од фолклористиката.

Овој реномиран национален фестивал е под покровителство на Министерството за култура и со поддршка на општините Прилеп и Долнени.