Како во најубавите приказни, најновата планинарска авантура започна со кукурикањето на петелот од блиската фарма на висорамнината Витачево. Лаежот на овчарските кучиња ме натера да помислам дека животните и птиците се натпреваруваат кој ќе ја испее најубавата песна таму горе во тој своевиден рај на земјата. Не поодевме многу, кога најпрво слушнав милозвучни звуци од ѕвонци, а веднаш потоа забележав неколку крави како спокојно си пасат тревичка наоколу. Побрзав да стигнам прва до нив, оти знаев дека ако нагрнеме цела група наеднаш, можно е да се исплашат од нас, да избегаат и да немам можност да ги фотографирам.

Можеби ја почувствуваа мојата добра намера, па дури одвреме навреме ги подигнуваа главите, па на шега коментирав дека ми позираа за што подобри фотографии.

– Ама не им се приближувај толку многу, во нивните очи ти си неколку пати поголема и ако се исплашат, скраја да е, може и да те нападнат, довикна еден од планинарите, додека јас, приближувајќи се најмногу што можам, фотографирав, чиниш правам слики за лична карта.

Некој друг довикна, бегајте тие што носат црвени јакни, да не ги доведете животните во искушение.

На планинарење, пет часа пеш за рестарт на душа и тело

Веќе неколку години другарувам со планинарите и можам да кажам дека секоја планинарска акција е како рестарт на телото и умот. На планинарење никогаш не е здодевно. Напротив, со секое тргнување таму горе, човек ги остава проблемите дома и заминува меѓу убавините на природата. Раздвижување на телото, разведрување на душата со шеги, насмевки колку што има дрвја во шумата.

– Овој рид некој го сменил, го помрднал, не треба да биде тука. Чекај, чекај, патот исто така како да е сменет бе, се шегуваше некој од планинарите.

Денот ни се погоди, коментираше друг, на што доби одговор дека организаторот нарачал убаво време за дваесетина луѓе. Сонцето не галеше со своите зраци и се натпреваруваше со облаците кој ќе успее побрзо да ја избрка маглата од далечината. Снегот им се смешкаше од планините, како да жалеше што и тој не учествува во нивната весела игра. Од далеку не поздравуваше врвот „Орле”, по кој и планинарското друштво го добило своето име.

– Види, види, сочна трева, да си вол, да се напасиш, подвикнуваше трет на шега, додека сите заедно се согласивме дека не знае човек што е поубаво, шумот под нозете додека се гази по зелениот тревнат килим, или по килимот од лисја.

По патот забележавме и дупки кои со своето риење, ги направиле диви свињи. Регистриравме и мал насип, за да може на едно место да се собере малку повеќе вода за напојување на кравите што пасат наоколу.

Дел од одисејата ја минавме по широк земјен пат, но голем дел од авантурата ја и минавме по козји патеки, беспаќа, спровирајќи се меѓу џбунови, ризикувајќи да се искине нечија јакна. Но, важно беше да нема повреди по главата и телото, за јакна ако треба, ќе се купи нова.  Поминавме неколку долови. Часкум кажувајќи сочни тиквешки вицови, на начин на кој само планинарите знаат да ги кажат, часкум молчешкум, препуштајќи се со сите сетила во прегратките на мајката природа. А таа, да не знаеш во кое годишно време е поубава. Во овој период, меѓу другото, нуди шипинки по патот, а во нивните лековити својства може да се ужива на лице место или да се наберат за чај, компот, сок или слатко. Изникнале и првите цвеќиња кои како гласноговорници на природата,  најавуваат дека после зимата, доаѓа пролетта. А потаму, глуварчиња. И се е весело и разиграно, како што се впрочем и самите планинари.

Се постави прашањето таму на сртот горе, да се оди десно во долот кон селото Дабниште, или да се оди прво лево во долот кон соседното Кошани, па назад и кон Дабниште. Петмина од планинарите се одделивме од групата и избравме повеќе одење, па ја ставивме авантурата на квадрат.

Во еден момент додека се пробивавме кон Кошани, една од планинарките со право ги праша двајцата планинари со нас, дали можеби носат некакво средство за самоодбрана, во случај да не нападнат диви животни во таа недопрена природа. И да, до овие две села има пат по кој со возило може да се стигне од Кавадарци, патувајќи кон Тиквешко Езеро, но ние го одбравме поеколошкиот, потешкиот, поинспиративниот, повозбудливиот и поатрактивниот начин да се дојде до нив. Пет часа пеш, доживување за паметење и прераскажување.

Колерата го создала Дабниште 

На моменти поминувајќи крај прекрасни лозови насади, неизбежно беше да искоментираме дека љубители на вино од земјава и странство со задоволство би чекореле по винските патишта во Тиквешко. Нашата авантура ја завршивме со музика и греано црвено вино, во винаријата на Никола Бујуклиев во кавадаречкото село Дабниште, пред која најпрво не пречека кучката Белка. За неа рекоа дека е како секретарка на имотот. Добриот домаќин, ми појасни дека за извонредниот вкус и дополнителниот шмек на виното, се заслужни кантарион, ајдучка трева, цимет, кора од портокал и суво грозје. Овој 56 годишен доктор на биотехнолошки науки, 18 години живеел и работел во Шведска.

– Еми се вратив ради тија пусти патриотизам. Си ја сакаме татковината и тоа е. Сега сум посветен на винопроизводство и правење на ароматни ликери. Дабниште е еден од најдобрите вински региони, откри Бујуклиев, кој е и претседател на месната заедница, во изјава за МИА.

Гостопримливиот човек ми раскажа дека според преданијата, ова населено место своевремено настанало од доселеници од други места кои своевремено дошле бегајќи од своите села поради колера, од која многу се умирало.

– Како бегале, доаѓале овде, како почиста средина. Дабништани во минатото биле познати како врвни мајстори на кошеви од  плетени лешки, за носење грозје, за чување пчели и земјоделски производи. Дабниште има извонредна микроклима, додаде тој, нагласувајќи дека температурата на воздухот во селото е секогаш поблагопријатна за четири до седум степени целзиусови, споредено со градот.

Некогаш селото имало над илјада овци, околу 600 грла крупен добиток и стотина куќи, сега само  во неколку чади оџакот во зима и има едно стадо крави.

– За викенди е полно, се градат нови куќи, има околу 80 електрични броила во селото. Покрај мојта винарија, има една вила за туризам, рибник со мини хидроцентрала за производство на струја, сподели Бујуклиев.

По 40 години во Швајцарија, назад во Кошани 

И додека во Дабниште покрај македонското, се вее и шведското знаме, во соседно Кошани, покрај мајчиното, се виори и швајцарското знаме. Моите соговорници  рекоа дека и покрај тоа што многумина кои потекнуваат одовде се низ светот распрснати, корените влечат назад.

Младен Мантев и неговата сопруга по 40 години престој во Швајцарија, се вратиле во неговото родно Кошани.

– Првите години каа отидоме, оште беше Југославија. Мислеме две три години  да спечалиме за куќа, па да се вратиме. Ама останаме таму. Ни завршиме со работта. Цело време живееме со сонот да се вратиме. Тука сме година ипол виќе вратени. Тука ни е поарно, ногу убаво, тихо. Шо знам, тука некако ни е поубаво. Здрава храна и чист воздух. Слободилок. Убаво ни е и тука си седиме. У пензија сне и така. Постојано сне тука. Постојани жители сне трујца. Ни и плус една жена доселена од Скопје. Друјсте идат цело време оти имат куќи, идат викендаши и туристи, раскажа тој за МИА.

До неговата куќа преубаво лозје, па ни откри дека од грозјето од тој лозов насад, прави вкусна тиквешка ракија, надалеку позната по својот квалитет. Презадоволен е од животот таму, само, како што посака, околу два ипол  километра од вкупно 18, патот по кој се доаѓа од градот, да се малку подобро уредени, особено во зимски услови.

Мантев евоцираше спомени дека некогаш, кога бил дете, во неговото родно место живот имало во 18 куќи. Сега има неполни 73 години, а во селото има многу урнатини, урната е дури и црквата. Не пречека мало и мило маче кое, чиниш, умира од желба да биде погалено. Го завикавме Кошана, не беше воопшто битно дали е машко или женско, беше преубаво, преслатко и се радуваше на неканетите гости во селото.

Пред урнатините од црквата, црквеното ѕвоно и плоча на која можат да се забележат ликови. Го фотографирав осаменото ѕвоно кое како да жали што не може повеќе да ги собира луѓето на едно место и да другарува со нив. Колку тажна и истовремено, колку убава фотографија. Моите другарки на два пати го протресија јажето, а ѕвоното одекна силно. Како да сакаше да каже, тука сум, ништо не е завршено. Животот продолжува. Ех, ѕвоното. Којзнае колку тајни знае и колку тајни чува. Ми се чини, како се уште да ми одѕвонува во ушите.

Светлана Дарудова за МИА