Неофашистички настап, варварска прошетка низ Македонија, небранета и незаштитувана од никого, на бугарскиот премиер Кирил Петков и бугарската потпретседателка Илијана Јотова, се вели во реакцијата на интелектуалците од Македонски манифест, кои реагираат на провокацијата од Бугарија со отворањето на клубот Ванчо Михајлов во Битола.
Реакцијата на Македонски манифест во продолжение ја пренесуваме во целост:
Јавна објава на Македонски манифест, по повод варварската прошетка на Петков и Јотова низ „ничија“ Македонија и отворањето на бугарски „културни“ центри во Битола и во Охрид.
ОБНОВА НА БУГАРСКИОТ ФАШИЗАМ КОН МАКЕДОНЦИТЕ
Почитувани Македонци, не одродени од родот и некорумпирани и некриминализирани од власта и со власта, Вие што си ја знаете генеричката генеза и си ја саката Татковината безмилосно осакатувана и распродавана на околните балкански соседи. Вие знаете дека дијагностичкиот наслов на оваа објава на Манифестот до Вас не е ни најмалку претеран.
Пред два-три дена бевме сведоци, имено, на еден таков неофашистички настап, на една варварска прошетка низ Македонија, небранета и незаштитувана од никого, на бугарскиот премиер Петков и бугарската потпретседателка Јотова. И тие таквата сомнамбулна како кошмар за нас Македонците прошетка божем „софистицирано“ ја покрија со отворање на два бугарски „културни“ центри: во Битола и во Охрид. Центри кои немаат врска со културата, туку со бугарската пропаганда за брутална бугаризација на Македонците.
Тоа самите Петков и Јотова го покажаа. Јотова јасно кажа, во отсуство на каков било карактер, етика, морал и интелигенција дека нема Македонци и не постојат. И, зарем тоа не покажува геноциден апетит. И Петков и Јотова на тој начин без никакви скруполи се претставија како луѓе со заладен ум, заледени фиданки на умот на Тодор Живков. Тој и таквиот ум сеуште не го огрел ни првиот зрак на неолитот, а камо ли на овој 21-ви век. А да беа Петков и Јотова фиданки на умот, духот, карактерот и интелигенцијата на Георги Димитров ние лесно ќе ги препознаевме нив и ќе им ја подадевме раката и срцето со братски чувства. Сега сѐ додека се такви тие-НЕ. Тие можат да се ракуваат и разменуваат јудински бакнежи со северната влада, но со Македеонците НЕ.
А уште еден крунски доказ дека „културната“ прошетка на Петков и на Јотово низ жална Македонија има неофашистички мирис е и именувањето на нивниот „културен“ центар во Битола со името на еден од најголемите крволоци на македонскиот народ фашист и соработник на Хитлер Ванчо Михајлов. Ете. И тука целосно затаила нивната интелигенција, етика и духовен капацитет кои по дефиниција не му се својствени на заледениот ум. Жално! Но страшно е и тоа што северната влада со индигнација отфрли секаква вина на совест и морална грижа за тоа што се случи во Македонија. Во тој стил, карактеристичен за неговиот претходник Заев што го наследи, без око да му трепне Димитер Ковачевски „храбро“ рече дека владата не инервенирала во граѓански иницијативи. Страшно! Рече и остана жив.
По сѐ понапред изнесено како дијагниза на бугарскиот неофашизам и болната рана на Македонците кои се пред целосна и идентитетска ликвидација по Тиранската платформа, Преспанскиот и сега бугарскиот договор за нивна бугаризација Македонски манифест, бидејќи нема на кој друг, им се обраќа на чесните и храбри Македонци да не отстапуваат ни за милиметар од својот идентитет, јазик, култура и историја, која ја распродава сега владината неспособна, неморална и платеничка комисија. За што? За бриселска Европа, Вавилонската блудница како што ја исправно детектира нашиот родољубив народ уште пред сто години?
Со што заслужила таа ние да се буткаме во неа со полтронска и профитерска политика и политичари? Со кое право таа, макар и со амин на политички марионети, ги игнорира македонските историски голготи и рани, а со тоа и целокупниот пребогат македонски културно-цивилизациски имот, раздавајќи им го на околните балкански соседи, посебно од Букурешт (1913) наваму? И со цел целосно идентитетски да ги обезличи Македонците и да ги преведе во сива и за потсмев безидентитетска маса. Тоа ли е цивилизацијата, културата, етиката и духот на колонијалистичка Европа, на нејзиното француско просветителство, кое измерено со часовникот на целокупното европско време, траеше одвај неколку минути. Или секунди.
А потоа со многу ретки интервали пак настапи ерата на колонијализмот, понижување и грабежи на цели народи, нивната асимилација и идентитетско обезличување. Најдрастичен европски пример сега за тоа се Македонците. А дали тоа може да се подведе под графата хуманизам, цивилизација и култура, или под графата фашизам? На нас освестените и со самопочит Македонци ни е јасен одговорот на тоа болно прашање. Таквите Македонци и Македонски манифест му велат НЕ на неофашизмот што повторно зема замав во Европа и кај некои балкански политички соседе.
Примерот со планот за целосна идентитетска ликвидација на Македонците јасно го покажува тоа. И со овој упад на бугарските политичари во меѓународното и домашно право без никаква грижа,одговорност и контрола на соодветните владини институции.
Смрт на фашизмот – Слобода на народот.
МАКЕДОНСКИ МАНИФЕСТ
(За Македонски манифест: Ефтим Клетников – поет, Агатангел-Станковски – Митрополит повардарски, Проф. Стојан Стојков – композитор, Проф. Запро Запров, диригент, Проф. д-р Цветан Гавровски, инженер, Проф. д-р Слободан Пренџов, инженер, Проф. д-р Наташа Котлар, историчар, Проф. д-р Нестор Огинар, филолог, Ристо Никоски, амбасадор, Алдо Климан, писател, Александар Русјаков, писател, Фима Клетникова, поетеса, Дардан Венетски, правник Сотир Костов, правник, Марија Светиева, академски сликар, Лиле Ниноска Соколовска, историчар)