Македонија е преполна со тајни, кои главно се поврзани со одредени трагедии што се случувале на овој простор и кои во голем дел ја одредиле и нејзината денешна судбина. Заговори, убиства, атентати, шпионски афери го полнат досието на македонската историја, која денес можела да изгледа многу, многу поинаку. Во неколку продолженија ќе ви го пренесеме нашиот избор на најголемите македонски мистерии.
Дарко ЈАНЕВСКИ
Мише Карев, внук на Никола Карев од братот Ѓорги, во своето сведоштво пред неколку години тврдеше дека проблемите на семејството Кареви со комунистичката власт на Македонија започнале веднаш по ослободувањето, кога без никакви докази, во монтиран судски процес, бил осуден и затворен помалиот брат на Никола – Ѓорѓи Карев. Подоцна, тој е ликвидиран во „Идризово“ на само неколку дена пред излегување, односно пред завршување на казната, а гробот не му се знае до ден денес.
Мише, како шеснаесетгодишно момче, присуствувал на судењето на татко му Ѓорги во 1945 година. Седел во првата клупа, а судија бил некој Калајџиски од Кавадарци. На Ѓорги му се судело за соработка со бугарскиот окупатор за време на Втората светска војна.
„Татко ми никогаш не бил во таква служба, ниту пак некој од нас, неговите седум деца, членувавме во некоја од тогашните бугарски квислиншки организации. Се сеќавам на еден детаљ од судењето што ми остана засекогаш во душата. Како сведок, против татко ми, беше повикан бугарскиот полициски началник Венев, кој за време на окупацијата беше на служба во Крушево. Оние што го монтираа случајот за наводна соработка на татко ми со бугарските окупатори, сметаа дека сведочењето на Венев сосема ќе го закопа. Но, за нивна несреќа, Венев се држеше достоинствено и само рече: ‘Немам што да кажам за Ѓорѓи, но ќе кажам за кодошите!’ Во тој момент службеникот на ОЗНА Гога Џаџо го свлечка на столчето и не му дозволи да ги каже кодошите во Крушево. Набргу потоа Венев го ликвидираа, за да не ги открие вистинските соработници на Бугарите, од кои некои веќе заземаа важни места во новата власт. Под лажни обвиненија татко ми беше осуден на смрт, но само по седум-осум дена смртната казна му беше заменета со пет години затвор. Пред да излезе од затвор го ликвидираа истите оние што му го монтираа и судскиот процес“, им раскажуваше пред неколку години Мише Карев пред авторот на овие редови и на колегата Блаже Миневски.
Плиток гроб
Еден затвореник, Албанец, Емин Роши, многу години подоцна му кажувал дека Ѓорги бил погребен набрзина во некакви тајни затворски гробишта, но гробот бил плиток, па му се гледале рацете и нозете над земјата. Некој од надзорниците им наредил на двајца затвореници да му ги искршат рацете и нозете за да пропаднат под земјата, да се покријат.
Инаку, Ѓорги, како шеснаесетгодишно момче учествувал во Илинденското востание во борбата кај месноста Слива, а постариот брат на Никола, Петруш, бил член на Штабот на крушевските востаници. Со тоа, Ѓорги бил учесник и сведок на битката што за многумина е поепска, но и посурова и од таа на Мечкин Камен, а Петруш, меѓу другото, бил сведок и на последната расправа помеѓу Никола Карев и Питу Гули, пред вториот да тргне кон својата последна битка. Семејството Кареви во борбите за ослободување на Македонија има дадено седум жртви, војводи и обични борци. И покрај тоа, чудната омраза кон Кареви, според Мише, траела со години, па затоа дури и коските на Никола Карев завршија поттурнати под скалите на споменикот „Македониум“ на Гумења.
Кога по војната во Крушево се славело Илинденското востание и Крушевската Република, централната власт, а пред сé локалните послушници, речиси редовно се погрижувале семејството Кареви да биде понастрана од прославата, особено од главната бина. Според сеќавањата на Мише, на првата прослава на Илинден по ослободувањето, постариот брат на Никола Карев, Петруш, бил поканет на свеченоста.
Песочно островче
„Дојдоа некои луѓе и го поканија да отиде на прославата. Го викнаа дури и да се качи на бината. Таму беа сите тогашни врвни раководители. Меѓутоа, кога некој од нив забележал дека на бината е и Петруш, братот на Никола Карев, веднаш наредил да го симнат долу. И го симнаа среде прослава. Кога заврши прославата, повторно преку посредници беше поканет да оди на свечен ручек. Ми кажа дека го канат, а јас му реков да не оди, оти повторно ќе си играат со него, ќе го омаловажуваат и потценуваат. Тој се согласи со мене, но по извесно време повторно дојдоа гласниците, и чичко Петруш мораше да тргне со нив. Само што стигнал, ја кренал чашата за да наздрави, некој од политичарите наредил да го отстранат од масата. Чичко ми си дојде посрамен и со солзи во очите. И никогаш веќе не отиде на прослава на Илинденското востание“, сведочеше Мише Карев, кој, како што стои во неговото полициско досие, уште од 1951 година бил следен од ОЗНА односно УДБА, а подоцна одлежал и 18 месеци затвор за идејата за самостојна и независна Македонија.
Најстариот брат на претседателот на Крушевската Република, Петруш Карев, успеал да ги надживее двајцата свои браќа и покрај сите малтретирања и голготи што ги поминал во животот. Умрел во 1968 година. Според внукот Мише Карев, старецот си заминал од овој свет со голема болка во душата поради недостоинствениот и понижувачки однос на македонската власт кон брат му Никола, но и поради судбината на Ѓорги, кој беше убиен од властите на македонската држава, за која целото семејство со децении се борело.
Некои тврдења упатуваат на тоа дека во времето кога Ѓорги е ликвидиран, на средината на реката Вардар која минува близу затворот Идризово, се наоѓал мал песочен остров и дека е можно таму да биле закопани убиените затвореници за кои властите сакале да им се изгуби трагот. Подоцна реката го однела малото островче и со тоа оневозможила да се открие дали, меѓу другите, таму се и коските на Ѓорги Карев.