Тале Огненовски (1922-2012) ги постави темелите на македонската традиционална музика за кларинет и ја оформил рамката за тоа како треба да изгледа македонското народно оро за кларинет.
Одбележувајќи ја годишнината од раѓањето, но и придонесот на легендарниот кларинетист Тале Огненовски, неодамна на фестивалот „Илинденски денови“, професорот м-р Благојче Трајковски промовира капитално дело кое сведочи за животот на Огненовски, бројните награди и признанија, а ги публикува и неговите авторски ора како нотен текст.
![]()
-Интерпретаторскиот придонес на Тале Огненовски, но и неговиот композиторски придонес беа поттик за мене како професионален музичар и кларинетист, стручно и аналитички да го проучам и публикувам неговото дело и посебно развојот на чалгиската музика која со појавувањето на Огненовски, македонскиот мелос и македонската чалгија ја доби целосната своја физиономија како единствен таков вид на интерпретација, вели професорот Трајковски.
![]()
Тале Огненовски е роден во битолското село Брусник во 1922 година, во семејство каде музиката се пренесува од колено на колено, а музичката жица ја наследува од прадедо му Огнен кој одлично свирел кавал, потоа дедо му Ристе кој исто така свирел кавал, а татко му Јован одлично свирел на гајда.
-Тале Огненовски се смета за основоположникот на македонската традиционална музика за кларинет. Првиот контакт со кларинетот го имал на 15 годишна возраст на една прослава во Брусник, а откако сите се воодушевиле од неговиот вроден талент, на иницијатива на родителите и со помош на локалниот поп Спасе, биле собрани средства и од словенечкиот град Цеље на Тале му бил купен и подарен професионален кларинет. Од тогаш или од 1946 до 1951 година Тале Огненовски свирел во битолската околија, во битолските културно уметнички друштва „Светлост“, „Стив Наумов“ и „Илинден“, а често настапувал во живо во програмата на Радио Битола која била најслушана кога тој настапувал со својот кларинет, раскажува професорот Трајковски.
Од Битола патот и кариерата на Огненовски продолжуваат насекаде низ светот со бројни настапи, концерти, фестивали…Во 1951 година на фестивал во Опатија-Хрватска, освојува прва награда, во 1956 година почнува да работи во Ансамблот „Танец“ во Скопје, а истата година учествува на турнеи во САД и Канада, а подоцна и во Франција, Романија, Швајцарија и други држави.
![]()
-Тале Огненовски својата прва грамофонска плоча ја снимил во 1963 година настапувајќи како солист и во придружба на оркестарот Галевски-Нанчевски. Снимките биле направени во студиото на РТВ Белград и за прв пат се слушаат „Битолско свадбарско оро“, „Битолско оро“ и „Пелистерско оро“. Во 1965 година прмовира уште една грамофонска плоча со неговите „Преспанско оро“, „Кумово оро“, „Деверово оро“ и „Диховско оро“, а со формирањето на неговиот „Тале Огненовски Оркестар“ како придружба учествува во проекти на истакнати вокални интерпретатори како што се Пепи Бафтировски, Ристе Пулевски, Анка Гиева, Александар Сарев и многу други. Но, кларинетот на Тале Огненовски се забележува и во песни на Васка Илиева, Никола Бадев, Јонче Христовски, Виолета Томовска, Кирил Манчевски и други, посочува авторот Трајковски.
Богата е домашната архива на семејството Огненовски каде грижливо се чуваат бројните награди и признанија здобиени во текот на неговата музичка кариера. Малкумина знаат дека Тале Огненовски за време на Втората светска војна бил и активен партизан, борец на Народно ослободителниот баталјон „Страшо Пинџур“, а од 20 декември 1943 година и дел од Втората Македонска ударна бригада.
![]()
– За учеството во Втората светска војна, Тале Огненовски е награден со „Орден за храброст“, а во 1966 година добива „Орден на братството и единството“ со сребрен венец, признание доделено со Указ потпишан од Јосип Броз Тито, како и „Орден на заслуги за народот“ со сребрена ѕвезда. Но, од моите истражувања утврдив и други награди и признанија, спомен плакети и благодарници како што на пример е благодарницата од Комисијата за одбележување на 600-годишнината од основањето на селото Брусник, награди за животно дело и секако најголемото признание, наградата „11-ти Октомври“ која му беше врачена во 2003 година, а од 2012 година до крајот на својот живот беше носител на признанието „Национална пензија“ за придонес во македонската култура, истакна професорот Трајковски.
![]()
Издавач на книгата „Тале Огненовски, основоположник на македонската народна музика за кларинет“ од авторот професор м-р Благојче Трајковски е НУ Центар за култура-Битола. На 270 страници, Трајковски низ одличен анаратив и фото илустрации го афирмира творечкиот опус и на најдобар можен начин ја одбележува 100 годишнината од неговото раѓање.
![]()
Професор м-р Благојче Трајковски од Битола, работи како наставник по кларинет во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и е доцент на Музичката Академија во Штип на отсекот за Чалгиска музика. Со најновото авторско дело ја потврди својата успешна истражувачка и педагошка работа, но и мисија за зачувување на македонското музичко богатство, а како професионален кларинетист даде директен придонес за македонскиот кларинетизам.
Марјан Танушевски за МИА




