Под слоганот „Напрај се Василичар“ утре почнува Вевчанскиот карневал, на кој се најавуваат над 1.000 маски и богата програма со културно – забавни содржини. Организаторите на карневалот очекуваат голем број посетители, напоменувајќи дека голем дел од туристичките капацитети во околината веќе се полни.
-Иако нѐ дели само еден ден до официјалното отворање на овој историски карневал, Вевчани е веќе полно со туристи, сите капацитети во и околината се веќе полни. Вевчанци и посетителите со нетрпение чекаат да ги видат маските кои се подготвуваат 365 дена, а многумина ги прават и последните подготовки за да се приклучат на уличниот театар и да го заиграат Василичарското оро, велат организаторите ка карневалот.
Општината како организатор, под покровителство на Министерството за култура, е подготвена да ги пречека гостите од земјава и од странство. Сепак, најголем број на посетители, домаќините очекуваат на 13 јануари – во понеделник, кога ќе се одржи главното дефиле на маските во центарот на Вевчани.
Забавната програма на 12 јануари ќе започне од 19:00 часот, а на 13 јануари музичката програма започнува во 21:00 часот. Вторник, 14 јануари, е резервиран за традиционалното василичарско оро и палење на маските.
Програмата за Вевчански карневал за 2020 наиде на многу позитивни критики на социјалните медиуми, бидејќи покрај традиционалните обреди, таа вклучува и неколку новитети. Преку кулинарското шоу, Бранко Попоски, food blogger кој стои зад проектот Cooking with Branko, ќе ги запознае гостите со кујната карактеристична за овој крај.
За музичкиот дел ќе се погрижат македонски изведувачи од различни жанрови како македонското поп-рок дуо Eye Cue, Brass Brothers, DJ Todoroff, македонските музички фолк ѕвезди Дамјан Стојановски и Татијана Стефановска, а по барање на публиката, општината се погрижи да ја донесе нашата најголема музичка ѕвезда, Влатко Лозаноски.
Организаторите и годинава најавуваат многу смеа, игра, театар и маски, кои ќе го привлечат вниманието на јавноста задржувајќи ја својата уникатност и архаичност.
Се е подготвено за годинешното издание на василичарскиот обичај Ѕвегорска Сурова, василичарски обичај кој долги години опстојува како култна традиција на жителите од делчевското село Ѕвегор. Ѓорѓи Манов кој е кум на овогодишното издание истакна дека настанот и годинава ќе продолжи во духот на традицијата долга 100 години.
-Почнав да учествувам кога имав 10 години, а сега имам 73 години, значи учествувам без прекин. Традицијата е наследство, штом јас не се откажувам, има наследници деца и истата ќе ја продолжат, вели Гоцевски.
За Суроваскарите по долгиот ден добро да закрепнат секогаш се тука говачите.
-Јас сум еден од главните готвачи на секоја Сурова, главно јадење годинава е грав со месо, а има и салати, месо и друго. Вечерта суроваскарите го донесуваат она што го собрале во текот на денот, се дава на готвачите, потоа тие ги тргаат маските, вечераат и се забавуваат до доцните часови, вели Љупчо Николовски.
Учесниците упатија отворена покана до сите граѓани на Делчево пошироката околина да присуствуваат на овој обичај со кој ќе дадат свој придонес во одржувањето на неговата традиција. Како дел од поготовките за годинешната Ѕвегорска Сурова дел од маските денес ќе се претстават на карневал во соседна Бугарија. вс/сст/
2020-01-11 13:16:40, од Валери Спасевски, Делчево