Иако се работи за минимална и скоро симболична сума, овој долг се испречил во постапката што ја започнаа општините Кочани и Пробиштип за да го згаснат и избришат од Централниот регистар заедничкото претпријатие што го формираа пред околу четири години.
Без разлика што тоа фактички не профункционира, токму неплатената сметка за телевизија се уште го одржала во живот, рекоа од Секторот за јавни дејности.
– Во постапката за ликвидација, кога поднесовме барање до Управата за јавни приходи за да добиеме уверение дека претпријатието нема финансиски обврски, се покажа дека за радиодифузна такса има одреден долг. Без разлика што фирмата не функционираше во платниот промет, бидејќи била регистрирана создала минимален долг за кој немавме сознание, рече Венцо Бојков од Секторот за јавни дејности на Општина Кочани.
Во меѓувреме сметката за радиодифузна такса е платена и обновена е постапката за ликвидација, за што на седницата на Советот на Општина Кочани, што ќе се одржи в понеделник, треба да биде донесена и соодветна одлука.
За нормално работење на меѓуопштинското претпријатие „Пониква КП“ се предлагаше финансирањето да биде заедничко, од буџетите на двете соседни општини. Тоа требаше да придонесува за развојот на туризмот и управувањето со ски-центарот на Пониква, во чија изградба делумно инвестираше и државното електропреносно претпријатие МЕПСО.
Набргу се покажа дека тоа тешко ќе профункционира, а неодамна од Локалната самоуправа на Пробиштип излегоа со писмено известување дека тие не се во состојба не само да го финансиираат новоформираното претпријатие, туку дека не можат да се грижат ниту за топовите за вештачки снег и за другата опрема што им припадна со поделбата на донацијата од МЕПСО.