Неофицијално околу 800 битолчани студираат на словенечките факултети, а 600 на битолските, иако Битола четири и пол децении е универзитетски град, беше речено на денешната панел-дискусија на Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола.

Според словенечки извори, во академски години 2023/2024 и 2024/2025 во Словенија се запишале над 3.100 студенти од Македонија, а официјалната статистика на Битолскиот универзитет покажува дека во 2013/2014 година имале 488 бруцоши од Битола и 328 од Прилеп, а 10 години подоцна 296 битолчани и 181 прилепчанец, пишува порталот СДК.

-Ако порано зборувавме за ниски плати, лоша општествена состојба на академскиот кадар, тоа повеќе не е случај. Но, за жал, сега имаме недостаток на кадар, научен подмладок, односно асистенти и доценти. Законот за буџети предвидува и на универзитетите за секое вработување согласност, покрај Министерството за образование и наука (МОН), кое редовно ни излегува во пресрет, завршниот збор да го има Министерството за финансии, а таму гледаат според кондицијата на буџетот, а не според академските перформанси, вели проф. д-р Сашо Дуковски, претседател на Синдикатот на УКЛО.

Врз основа на билатералните договори, студирањето во Словенија е бесплатно (нема школарина) за државјаните на Македонија на додипломските и магистерските студии на државните образовни установи.

Извор: СДК