Вкупно 125 лица загинале на патиштата во Македонија во текот на 2020 година, а во периодот од јануари до декември истата година се случиле вкупно 7.223 сообраќајни незгоди.

Во споредба со 2019 година бројот на сообраќајни незгоди е намален за шест проценти, додека во споредба со 2013 година оваа бројка бележи намалување за повеќе од 35 проценти.

Оваа статистика ја сподели министерот Оливер Спасовски неодмна на својот фејсбук профил.

Во јануари 2021 имаме, напиша тој, намалувањето на жртвите од сообраќајни незгоди е за 56 отсто, споредено со јаниари минатата година.

 

Спасовски најави дека во план е изработка на мапа на црни точки односно места каде во 2020 година најчесто се случувале сообраќајни незгоди со тешки последици.

– Како МВР остануваме посветени кон извршување на нашата задача, како на превентивен, така и на репресивен план, со интензивни мерки и активности за оваа бројка да биде помала, а статистиката од месец јануари покажува дека сме на добар пат, заклучува Спасовски во објавата на ФБ.

Од Министерството за внатрешни работи секојдневно потенцираат дека засилените контроли продолжуваат во континуитет, но апелираат и до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи да бидат одговорни возачи.

Зголемениот присуство на полициските службеници, активното спроведување на законите од страна на Министерството за внатрешни работи, но и пандемијата од коронавирусот се дел од причините за позитивната тенденција во статистиката, е ставот на Стојче Стаменковски,  поранешен претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Тој смета дека респресивните мерки даваат резултат во подигнување на безбедноста на патиштата.

– Факт е дека подигнување на безбедноста на патиштата е во фокусот на Министерството за внатрешни работи во целиот овој период и таа нивна активност е видлива и дава резултати. Полициските службеници се присутни на сообраќајниците. Засилената активност на надлежните институции за спроведување на законите е добра и таа е за поздравување. Репресијата е една од клучните столбови за намалување на бројот на сообраќајни незгоди и доколку ја следиме оваа пракса и работиме на подобрување на законската регулатива на долг рок може да се постигнат задоволнителни статистички параметри кои ќе бидат многу блиску до оние во Европската унија, изјави за МИА Стаменковски.

Кога станува збор за пандемијата и нејзиното влијание на безбедноста на сообраќајот, според него, веројатно таа влијаела на намалување на бројот на сообраќајни незгоди, но, подвлекува, тоа е тешко да се измери и докаже.

Факт е, истакна Стаменковски, дека намалување на волуменот на сообраќајот има влијание на намалување на бројот, но не треба да го заборавиме и полицискиот час кој пак е причина за возење со зголемена брзина на патиштата и сообраќајниците.

– Тоа што мене ме радува е дека пандемијата влијаеше на урбаната мобилност и на употребата на велосипедите и другите алтернативни форми на учество во сообраќајот, рече тој.

Во Република Македонија во 2020 година се бележат 62,5 загинати во сообраќајни незгоди на еден милион жители.

На ниво на Европска унија во 2020 година просекот е 42 загинати на еден милион жители. Рекордер по безбедноста на сообраќајот со најниска стапка е Шведска со само 18 загинати на еден милиони жители, а најлошо рангирана е Романија со 85 загинати во сообраќајни незгоди на еден милион жители.

Европскиот комесар за транспорт Адина Валеаун неодамна потенцираше дека со околу 4000 загинати помалку на патиштата во споредба со 2019 година, патиштата на ЕУ се најбезбедни во светот, но сепак далеку сме од зацртаните цели и неопходни се заеднички напори за нивно достигнување.

– Во нашата стратегија за одржлива и паметна мобилност, ние ја повторивме нашата заложба за спроведување на стратегијата за безбедност на патиштата во ЕУ и намалување на бројот на жртви за сите форми на транспорт која број на жртви блиску до нулата, потенцира таа, стои на официјалната страница Европската комисија.

На прашањето како нашата земја да го достигне просекот на ЕУ, Стаменковски вели дека тоа што недостасува во целиот овој систем на сообраќајна безбедност е унапредување на сообраќајната превенција и едукација, но и обединување на сите сегменти од сообраќајната безбедност во една институција (водечко тело) и тоа е сегмент на кој треба да се работи во следниот период. Во оваа насока смета дека формирање водечко тело за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата ќе ги даде посакуваните ефекти. Токму тоа, потенцира тој, е она што Европската Унија веќе неколку години наназад го дава како задача во сите извештаи каде се говори за безбедноста на патиштата.

– Четирите елементи на градење на безбеден систем се безбедни патишта, безбедна брзина, безбедни возила и безбедни и едуцирани учесници во сообраќајот. Достигнување на просекот на ЕУ и сериозен, видлив и одржлив напредок за подигнување на безбедноста на патиштата може да се постигне само доколку континурирано се унапредуваат сите од наведените четири елементи, заклучува Стаменковски.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата изминатиот месец го одбележаа Светскиот ден на културата во сообраќајот, во информацијата споделена на нивната веб страница посочуваат дека последиците од сообраќајните незгоди се премногу сериозни и наша заедничка обврска, општ и заеднички интерес на сите граѓани, е да се издигне сообраќајната култура на повисоко ниво. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата .

– Да ја унапредиме културата во сообраќајот, да ги промениме лошите навики во сообраќајот почнувајки секој од самиот себе и преку личен пример и позитивен придонес да дадеме поддршка за побезбеден сообраќај. Бидете внимателни, одговорни, културни и толерантени учесници во сообраќајот, денес и секој друг ден!, апелираа од Репибличкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Цветанка Миновска за МИА