Нето добивката на Македонски Телеком за првите шест месеци од 2018 година е зголемена за 33,5 отсто во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 816 милиони денари. Приходите од продажба изнесуваат 5.017 милиони денари, што претставува зголемување за 1,0 отсто во споредба со истиот период од претходната година.
Македонски Телеком успеа да ја одржи водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со 57,4 отсто (интерна проценка), односно 209,6 илјади корисници на крајот на првите шест месеци од 2018 година.
Во однос на ТВ пазарот, Македонски Телеком има 29,1 отсто удел во вкупниот ТВ пазар, според интерните проценки. IPTV (дигитална телевизија преку Интернет протокол) услугата, поради високиот квалитет, интерактивноста и уникатното ТВ искуство е добро прифатена на пазарот. Па така, компанијата оствари зголемување на бројот на IPTV корисници (вклучувајќи Magenta 1, Internet&TV и други ТВ услуги) за 8,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година, што резултираше со база од 121,7 илјади корисници на крајот од првите шест месеци од 2018 година.
На пазарот на мобилната телефонија, компанијата има удел на пазарот од 48,4 отсто, според интерна проценка. Базата на претплатници на крајот од првите шест месеци од 2018 година изнесува 1.172 илјади претплатници и е намалена за 3 отсто во однос на истиот период од претходната година.