Новинарот на Киев индепендент, Илија Пономаренко, меѓу првите во Украина ја објави веста за македонската донација од тенкови за Киев.

Според реакциите на социјалните мрежи веста дека Македонија испраќа тенкови во борбата со Русија ги израдувала Украинците.

Сите тамошни медиуми, дел од нив повикувајќи се на веста која ја објави „360 степени“, информираат дека македонската влада решила да и донира на Украина 30 тенкови Т-72 и дека тие веќе се транспортираат кон крајното одредиште.

На социјалните мрежи се изразува огромна благодарност до Македонија за помошта и се критикуваат западните земји, пред се Германија, бидејќи и покрај ветувањата за нејзина помош во вооружување, таа никако да стаса.

На профилот на Твитер на новинарот Пономаренко може да се забележат десетици позитивни коментари упатени кон Македонија и критики кон западните земји дека многу повеќе ветуваат, а малку исполнуваат.

Од македонското Министерството за одбрана, за „360 степени“ потврдија дека земјава ги дава како донација на Украина тенковите од тенковскиот баталјон на Армијата кој е планирано да биде расформиран.