Тешкото, неговите корени, рожбата

Со голема мака се заработувале пари во туѓина. Суровиот и тежок печалбарски живот ги правел печалбарите издржливи, снаодливи и духовно бистри. Такво им е и орото. Во почетокот тешко, многу тешко, потоа издржливо. Снаодливо и атрактивно во средината. И брзо, фуриозно, но затоа духовно богато на крајот.

Играорецот од Лазорополе е уникатен во својот играчки израз. Тој умее и ги решава најсложените проблеми на орото. Крајно свесен, со вчудоневидувачка енергија се нафрла и го доградува „Тешкото“. Тој и не е свесен, не знае, не може ниту да претпостави дека неговиот производ ќе ја извиши сопствената земја со тоа што неговото духовно богатство Тешкото ќе се обнароди. Печатот на една цивилизација, а внатре во неа на едно време, може да се отслика во една игра, во едно оро. Содржината на играта на Тешкото е печат на начинот на живеењето на луѓето и воопшто на општественото уредување.

Врз темелите на анализираната градба на Тешкото може да се тврди дека сите култури имаат свое потекло и во играта. Нагонот, потребата за игра значи и целосно реализирање на севкупното човеково опстојување. Тоа сепак е лоцирано и во границите на уметноста. Или како што вели Шилер: „Човекот игра само тогаш кога е во вистинското значење на зборот човек, или и тој е потполно човек само кога игра.“
Полната слобода за човекот постои единствено во играта.

Хераклит е творецот на дијалектиката. Основата на неговата филозофија е мислата дека светот се наоѓа во состојба на непрекинато создавање и уништување, дека се тече и е подложено на преобразување, дека во борбата на спротивностите е изворот на развојот и напредокот. Но, тоа никако не значи дека во неа владее хаосот. Зашто овој исконски дијалектички процес се одигрува според одредени правила коишто Хераклит ги нарекува логос. (Светски ум или светски закон, збор, говорум, разум, моќ да се размислува, да се просудува.)

Вметнувањето на Хераклитовата дијалектика во овој текст има само една смисла: да укаже дека Тешкото е создадено за на век. Нема негово уништување. Има само надградување.

Уште од древните времиња човекот се стремел да создава и песни и ора, за преку нив да ја наслика стварноста на живеењето, битисувањето, во сета нејзина автентичност. Впрочем, нашето големо фолклорно богатство и не е производ на еден човек.

Тоа претставува врв на колективни креации во кои вткајувале секој по нешто за на крајот како финален производ да излезе, да се покаже совршенството. Во галеријата на таквите совршенства, на таквите ремек-дела на македонскиот културен простор, секако спаѓа и орото Тешкото. А тоа пак немаше да се роди, да созрее, ако пред тоа на просторите на кои живеат Мијаците, во селата на Малореканскиот предел, не се играа Лесното, Чивте Чамче, и особено Манукот. Од чекорите на овие ора беше создадено Тешкото.

Од сите Мијаци за Лазореовците се вели дека се најдуховити. Тие умеат да го насмеат најсериозниот човек, правејќи се притоа наивни. Многу се отворени. Скоро и да не се загрижени. Другите, Мијаците ги опишуваат како многу духовити луѓе. Врз база на анализа точно ја забележуваат карактерната црта на својот соселанец, сосед или пријател, за потоа да му измислат прекар, најчесто шеговит. По карактер се подбивни, но секој пат на суптилен начин. На својот сопствен јазик, наречен бошкачки, му даваат свои досетки, го збогатуваат, се смеат во себе, без да почувствува или, пак, да се навреди оној кому му се потсмеваат. Знаат лазоровци меѓу себе и отворено да се мајтапат. Меѓу сите Мијаци се познати како луѓе особено надарени за песна, оро, правење мајтапи на своја сметка, со еден збор препознатливи. За меракот кон орото, како илустрација, ќе го приведам пишувањето на Ристо Бужаровски во книгата „Галичка повест“ печатена во 1976 година. „Галичаните се приврзани повеќе кон песната. За орото поголеми мајстори се играорците од Лазорполе.“

Како анегдота се раскажува дека во минатото, кога печалбарството било масовно кај Мијаците често по патиштата на Бистра планина демнеле арамиски банди. особено биле присутни во месеците кога печалбарските тајфи се враќале од гурбет, а со себе ја носеле целата заштеда. Никогаш не биле напаѓани, а со тоа и ограбувани Лазоровци. Скоро секој пат тоа им се случувало на печалбарите од другите мијачки села. А како ги препознавале организираните арамиски банди? Велат на многу лесен начин. Најискусниот водач на бандата ги поучувал своите од дружината:
– Печалбарите што минуваат по патот слушајте ги за што муабетат. Ако зборуваат за домаќинлок, за тоа кој колку спечалил, колку овци има намера да купи, тоа се галичани. Ако водат учен разговор, тоа е тресончани. Ако темата на муабетот им е алкохолот и жените се гарчани. Ако пак зборуваат за невести, убави девојки и притоа се договараат како ќе го играат Тешкото на празникот кој се наближува, тоа се лазоровци. Тие и најмалку имаат спечалено затоа и не треба да се ограбуваат.

Има и дообјаснување на оваа анегдотска итрина за препознавањето на Мијаците – печалбари. Ако патуваат на коњ – продолжува главатарот на бандата, галичанецот го води за оглав, тресончанецот го тера со прачка, гарчанецот го тера со песна, а лазоровецот е качен и при товар го јава коњот на страна.
Орото и песната односно фолклорната традиција можеби најсилно се рефлектирала и дошла до израз за време на турското ропство, односно за време на печалбарството.

За фолклорната уметност, како впрочем и за уметноста во целост барањето на нови патишта е сосема нормална појава. Но секогаш секој сака да создава потпирајќи се темелите на претходното искуство. Во Лазорополе ергените плаќале и ги виеле танците. До нив во орото се фаќале младите моми. Во продолжение се невестите омажени последната година, фатени строго по редослед како која се свршила во текот на годината. Во орото нема предност ниедна невеста. Овде не важело правилото на убавината, богатството на носијата, социјален статус ниту пак умешност на играње. Правилото било само редоследот на свршувачката. Прва е невестата што е прва свршена во текот на годината и така со ред. Свршениците пак немале пристап до орото. Тие можеле само да гледаат. И не одблизу, туку од прозорците на околните куќи. Постарите невести имале право да се фаќаат (со посредство на свекрвата) во орото каде било. И кога ги споменувам непишаните правила за лазороското оро, треба да кажам дека гостин од туѓо село без најава и дозвола не можел да свие танц-оро.

А сега и неколкуте непишани правила што се практикуваат при играњето на тешкото.
– Само ороводецот изведува итроштини, клекнува или се врти, го забрзува или успорува темпото на орото.
– И жените во Лазорополе го играта ова оро. Тоа значи дека не е тоа исклучиво машка игра. Но, како надополна уште треба да се каже дека женскиот свет се фаќа во вториот дел од неговото исполнување, кога орото се забрзува и уште на крајот од танецот.
– Играорецот од Лазорополе, ороводецот никогаш не се качил на топан. Тоа е лична креација на Шпире Жикоски – Јариче. Тоа е негова надградба, свој придонес во дефинитивното формирање на Тешкото.

– На топанот се топа со двете раце. Во левата рака е прачката, во десната топанарката. Со прачката се удира се дотогаш додека не се фати ритамот на ороводецот, во кого сите играорци се загледани и ги следат неговите чекори.
– Кога се игра Тешкото изразот на лицата кај сите играорци е сериозен и никој не се смее. Како да сакаат со тоа да кажат дека играта, а преку неа и настаните што ги соопштуваат се многу сериозни.


– Има играорци што го практикувале Тешкото и во тепсија, но само Ичко Ковачевски бил виртоуз. Можеби како што веќе рековме и негов зачетник. Ако се просудува по презимето кое говори дека по занаетот бил како и зурлаџиите и тапанарите може да се извлече паралела дека рожбата на Тешкото како и на ковачкиот занает во Лазорополе се случува во исто време. А нивни автори се домашарите, луѓето што се плашат од печалба, но ја доживуваат на свој начин. Мијаците преку писменоста што ја зрачеле по манастирите Свети Јован Бигорски и Света Пречиста Кическа преку ликовната уметност презентирана во делата на зографите и копаничарските тајфи, преку архитектурата на мијачките неимари, преку црковната музика запишана со неумски знаци и со своите фолклорни креации и традиции, остварија наднационален универзален приодонес.

И како што рековме во почетокот на вековите што останаа зад нас преживеаја единствено културните настани, односно нивните творби. Се зачува само креативниот дух што ги има создадено делата, како што е и Тешкото, таа духовна светлина што зрачи. А Мијаците знаат да ја негуваат традицијата.

Од книгата „Тешкото од Лазорополе“ од Блаже Смилески, 2006 г. (Подготви Марко Китевски)