Со давањето заклетва пред шефот на државата,Илир Мета, денеска и официјално почна со работа Специјалното обвинителство за корупција и организиран криминал (СПАК).
Него го сочинуваат девет обвинители а прв човек на институцијата е Арбен Краја, со мандат од три години.
На свеченоста присуствуваше и спикерот на албанскиот парламент Грамоз Ручи, евроамбасадорот Луиџи Сореца, како и странски дипломати.
Краја во својата прва изјава упати апел до граѓаните да имаат целосна доверба во сите членови на СПАК дека најсовесно ќе ја извршуваат зададената задача и додаде дека треба да се плашат „оние кои го прекршуваат законот“.
Тој не кажа со кое досије институцијата ќе ја почне работата, каде се верува дека има 160 досиеја.
Нагласи дека е потребна поголема соработка со меѓународните партнери за промена на негативното мислење кое тие го имаат за албанските институции.
Формирањето на оваа институција го поздрави евроамбасадорот Сореца, кој меѓу другото на социјалните мрежи напиша дека „ова е значаен ден за реформата во правосудството“ на Албанија.