Македонската кошаркарска репрезентација вечер од 19 часот против Швајцарија ги почнува претквалификациите за Светското првенство 2023. Трет пат во последните четири години „црвено-жолтите“ ќе игра претквалификации за пласман на големо натпреварување. Успехот во претходните два циклуса е половичен, во 2017 година не успеаја да поминат во следната фаза, во 2019 година се пласираа во главните квалификации.
На клупата на Македонија ќе дебитира новиот селектор Драган Бајиќ. Тој од разни причини на располагање ќе ги нема: браќата Стојановски, Ненад Димитријевиќ, Дарко Соколов, Марко Симоновски и Стојан Ѓуроски. Носители на играта ќе бидат Бојан Трајковски, Бојан Крстевски, Бобан Стајиќ, Горјан Марковски, Адем Мекиќ, Џејкоб Вајли.
Покрај македонската и швајцарската репрезентација, на турнирот кој ќе се игра во Скопје ќе учествува Словачка. Ќе се играат по два меѓусебни натпревара.
Турнирот ќе се одржи од 12 до 18 август, пласман во следната рунда обезбедуваат двете првопласирани репрезентации.