Нов правилник за археолошки истражувања е неопходно да се донесе, за чекор напред за археолозите и чекори назад за дивите копачи. Ова меѓу другото, беше кажано на јавната дебата на Македонското археолошко друштво, на која се разговараше за иницијативата за нов документ.
Македонските археолози се согласија дека мора да бидат вклучени со свои стручни претставници од фелата, во комисијата која би работела на промената на правилникот. Тие ќе го бараат тоа од Министерството за култура, како еснафско здружение. Ќе ги дадат своите забелешки, мислења, идеи на оваа, според нив, мошне значајна тема.
– Правилникот за археолошки истражувања е донесен уште во 2005 година, а досега не се направени ниту една измена или дополнување. Правилникот, како подзаконски акт, произлегува од Законот за заштита на културното наследство. Самиот закон досега има претрпено повеќе од 15 промени. Ова го прави правилникот доста непрактичен, во голема мера и нелогичен со денешната практика и методолошки е доста застарен. Правени се обиди за дополнување и измени, изработка на нов правилник. Затоа е добро да се продискутира за проблемите со кои се соочуваме, за нашите предлози да се бара да бидат имплементирани во закон и нов правилник, појасни Орданче Петров, доктор на науки од областа на археологијата и претседател на Здружението.
Според Силвана Блажевска, исто така доктор на археолошки науки, нелогичности има и во самиот закон, а камоли пак во правилниците.
– Ние имаме проблем со евидентирање на музејски материјал, теренски инвентар, што е тоа што влегува во музеј, што не влегува во музеј. Законот не познава што е студиски материјал, колеги завршуваат со кривични пријави затоа што имаат неевидентиран материјал, страшно, рече Блажевска.
Забелешки на застарениот правилник имаше и Драги Митревски, професор доктор по археологија.
– Не можете докрај да му ја регулирате работата на еден хирург. Не можете да му кажете каков инструмент треба да употреби, со кој лек треба да лечи, каква техника да употреби и дали да сече на лево или десно. Само хирургот ги знае пациентот и болеста и знае што и како треба. И не можете да барате за колку време треба да заврши една операција. Замислете да му се каже на еден режисер каков треба да му биде снимателот, колку машки а колку женски глумци треба да има, рече професорот, нагласувајќи дека истото треба да важи и во археологијата.
Тој се осврна и на тоа ,,каде лежи зајакот” и во што е проблемот со правилникот.
– Правилникот е сериозна работа. За нас, тој е нашиот занает. Колку тој има пропусти и е несоодветен, толку и нашиот занает е несоодветен. Колку не ни дозволува или ни дозволува да работиме, помага или одмага, толку ние и ќе имаме археологија. Затоа е толку сериозна оваа работа, рече тој.
Митревски беше дециден дека тој правилник треба да задоволи два сегмента.
– Да помогне на археолозите, да им создаде убави услови за работа, за да се поефикасни. Истовремено, да ги спречи „дивите” и да го заштити културното наследство од нив. Правилникот по кој досега работиме, постигнува сосема спротивен ефект. Ниту нам ни овозможува да работиме со одврзани раце и вистински да продуцираме тоа што треба, ниту пак ги спречува тие што нелегално работат, продаваат, дивеат и уништуваат културно наследство, посочи тој.
Во своето обраќање, магистер Билјана Јовановска од Управата за заштита на културното наследство, се согласи дека правилникот треба да го прават, тие што потоа треба да го применуваат. Таа информираше дека ќе има измени на постоечкиот закон, ќе се ревидира. Јовановска ја поддржа иницијативата за промена на правилникот. Таа соопшти дека доставувач на предлог за нов правилник е Министерството за култура, а носител на активноста е Управата, се формира работна група од стручни лица, а така би требало да биде и во овој случај.
На проблемите со кои се соочуваат, се осврна и Сања Ивановска-Велкова, доктор на науки, вработена во Национален конзерваторски центар. Сите се согласија дека за теренски површински увид на вработени од центарот им требаат дозволи, а на некој сточар на пример, што е секој ден на лице место, никој не му бара дозвола и има поголем пристап на одделни места.
Со коментари на темата се обратија и Ване Секулов од Завод и музеј Струмица и доктор Христијан Талевски од Институт за старословенска култура Прилеп.
Археолозите собрани во просториите на Музеј на град Неготино се договорија прво да ги видат измените во законот за културно наследство и изразија надеж дека тие ќе бидат ставени на јавна расправа.
На средбата беа упатени критики за работата на одделни административци. Се побара да се избегне праксата на копирање на закони и правилници од други држави, ако претходно не се направи анализа, дали се тие применливи кај нас. Да се обрне повеќе внимание на превентивата. Да не се дозволи како досега, одделни институции да склучуваат договори со своите вработени, да ја реализираат програмата за која аплицирале, затоа што таков договор може да се склучи само со лице кое треба да биде стручен раководител на ископувања, доколку се нема таков кадар во сопствените редови. Да не се случува праисторичар да работи на византиски, рановизантиски или средновековен локалитет, да не се случува друг да ги бира кадрите за терен, па дури и да се дрзне да коментира, ,,зошто не ја земеш историчаркава, не била никогаш на терен?”
Светлана Дарудова за МИА