Во Софија денеска продолжуваат разговорите на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија. Бугарската Бгнес, повикувајќи се на изјава на копретседателот на Комисијата од бугарска страна Ангел Димитров, објави дека двете страни постигнале согласност за чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј.

Димитров изјавил дека е постигната согласност и за улогата на Бугарија во контекст на делото на светите солунски браќа, како и за зачувувањето и развојот на она што тие го правеле заедно со своите ученици.

Директорот на Институтот за национална инсторија Драги Ѓорѓиев, кој го предводи македонскиот тим историчари, оценил дека е постигнат сериозен напредок само за неколку месеци, посебно околу историските несогласувања меѓу двете земји во периодот на 60-70 години од минатиот век.

– Ние само за шест-седум месеци успеавме на некои прашања од минатото да погледнеме од друг аспект, изјави Горѓиев и додаде дека тешкотиите доаѓаат од наметнатите стереотипи низ годините.

Според Ѓорѓиев, идните генерации ќе можат да гледаат на историските личности како на дел од вкупната цивилизација, а не тие да бидат поделени на, како што рече, такви или онакви. Тој информира дека биле разменети мислења со бугарската страна за прашања од античкиот и средновековниот период, кои според него, можат да бидат променети.

Димитров констатира дека успехот во Комисијата ќе биде постигнат тогаш кога „на воздржан начин ќе се каже историската вистина“. Тој нагласи дека несогласувањата се однесуваат на учебниците за основните училишта во Северна Македонија.

– Чекор напред може да се направи. Она за што разговараме, мора да оди на разгледување пред двете влади. Неопходна е политичка волја, што може да доведе до промена на учебниците и целокупната интерпретација на минатото. Се надевам дека свој придонес во тоа ќе дадат и медиумите во двете земји, нагласува Димитров. Смета дека и најделикатните прашања можат да бидат решени со обострана добра волја.

Бугарија, вели Димитров, сака добри односи со Северна Макеоднија и силно ги поддржува нејзините аспирации за евроталнатска интеграција.

Се очекува денеска на крајот од дводневната средба во Софија, Димитров и Ѓорѓиев да имаат заедничка средба со новинарите на која ќе информираат за резултатите од рагзоворите.