Содржината во македонските учебници по историја за средновековниот период и раноосманлискиот период ќе биде тема на 11. средба на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања, која ќе се одржи денеска и утре.

На претходната средба беа разгледувани и усвоени препораки за бугарските учебници за овие периоди.

Тема на разговор ќе биде и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, а средбата ќе се одржи онлајн  поради состојбата со Ковид-19, информираат за МИА од Комисијата.

На еден ден пред средбата копретседавачите на Комисијата, македонскиот Драги Ѓоргиев и бугарскиот Ангел Димитров со различни ставови за последните случувања на реалција Скопје-Софија.

Димитров во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) истакна дека постојат разлики меѓу политичарите и историчарите.

– Политичарите од двете страни сакаат напредок, но историчарите од македонска страна на комисијата прават се што е можно да не се случи тоа, смета тој.

Кажа дека со загриженост ја очекувал новата средба на Комисијата за историски прашања, но изрази надеж дека ќе направат барем еден мал чекор напред.

– Отсекогаш сакавме да работиме поинтензивно со стегнат ритам, но тоа не се случи. За следната година се планирани само пет состаноци, што не е доволно, вели Димитров, кој е и поранешен бугарски амбасадор во земјава. Тој смета дека ваквиот пристап го одложува решавањето на разликите во блиска перспектива.

Професорот Ѓоргиев, пак во изјава за Радио Слободна Европа изрази зачуденост од изјавата на неговиот колега, кој меѓудругото кажа и дека бугарската позиција е единствена и политички монолитна, за разлика од македонската.

-Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата член на академско и експертско тело, и тоа во пресрет на новата средба. Ставот за монолитна политичка позиција во однос погледите за минатото е како оддек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо, вели Ѓоргиев.

На последната средба што се одржа во октомври  во Скопје македонските и бугарските историчари не постигнаа напредок во однос на Гоце Делчев, иако на маса биле поставени нови идеи и предлози околу неговиот лик и дело.

– Има мали поместувања кон напред и за мене тоа е важно во моментов. Процесот на разговори продолжува и понатаму, со сите тешкотии и сите чувствителни теми кои се на маса. Молам за трпение и поголема ематија и кон нас и кон колегите од Бугарија, за да можат прашањата да бидат дискутирани со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин можат да се надминат работите, рече Ѓоргиев тогаш по дводвениот состанок

Димитров тогаш со порака дека очекува одговорно однесување кон историските факти за да се постигне ситуација во која нема да има повеќе проблеми. – Идентитетот на Гоце Делчев го определува тој самиот, а не ние. Тој е таков, каков што е. Тој е таков какво што е неговото семејство, средината во која е формиран како личност. Тоа е идентичноста, изјави Димитров.

Средбата во октомври беше прва оваа година. Во јуни, Комисијата одржа еден виртуелен состанок на кој се дискутираше за содржината на записникот од деветата средба.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која треба да се произнесе за заедничко одбележување личности и настани од заедничката историја и да помогне во надминување на различните толкувања, досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век.

Досега, за период од две години Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и цар Самуил. Усвоени за препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 6 клас/7 одделение.

Се поврдија проценките и од двете страни дека најмакотрпен период за разгледување ќе бидат токму настаните и личностите од 19 и почетокот на 20 век, периодот на појавата на културни, духовни и политички движења, кои се јавуваат на територијата на земјава, каде што има сериозни разидувања во двете историографии.