Шефот на дипломатијата Бујар Османи ја осуди изјавата на потпретседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова, дадена вчера на настан, а која и во соопштението за нејзиниот говор, објавено на веб-страницата на претседателската институција, македонската нација ја означи за „таканаречена“.
Османи нагласи дека имаат комуникација со бугарската влада и потенцира дека односите меѓу двете држави често пати биле жртва на внатрешните политички динамики во Бугарија.
– Знаете дека најголемата криза во односите се случи околу, пред, после изборите таму и секогаш одредени политички актери се обидуваа ова прашање да го користат за добивање на политички поени. За жал, потпретседателката што ја спомнавте предничеше во една таква кампања против РС Македонија, против македонскиот народ во обид да си создаде сопствен политички профил. Меѓутоа, не само што во РС Македонија тоа наиде на едно отфрлање, туку и во Република Бугарија сѐ повеќе јасно се гледа дека одредени политички актери без никакво чувство за важноста на билатералните односи помеѓу двете држави ја злоупотребуваат оваа тема за дневно-политички агенди. Можам само да го осудам таквиот начин којшто не носи добро ниту на Република Бугарија, ниту на односите помеѓу нашите две држави коишто се НАТО сојузници и повторно ќе кажам потпретседателката Јотова предничеше во оваа агресивна кампања која можам само да ја осудам, рече Османи на новинарско прашање дали МНР ќе реагира на изјавата на Јотова.