За угледот на судството и за довербата на јавноста најважни се независноста, интегритетот на судиите, ефикасноста во постапувањето и транспарентноста, додека граѓаните имаат потреба од стабилен правосуден систем – што се одразува преку видливо, ефикасно и праведно правораздавање.
Граѓаните имаат право на ефикасно судство бидејќи пресудите се донесуваат во нивно име, а јавноста треба да биде уверена во квалитетот на правдата и во законитоста на судските одлуки.
За враќање на довербата, освен реформи и заложби, неопходни се и конкретни мерки и активности од сите фактори.
Доверба од четири проценти и делумна доверба од 19 проценти во судството, како и доверба од три и делумна доверба од 18 проценти во јавното обвинителство покажа последната анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Македонија. Според анеката, судството и јавното обвинителство се на дното заедно со политичките партии според довербата на граѓаните во институциите.
За ниската доверба во правосудството и што прават и ќе направат за подобрување на таквата состојба МИА побара одговори од Министерството за правда, Судскиот совет, Врховниот суд, Апелациониот суд, Управниот суд, Кривичниот суд во Скопје, Граѓанскиот суд во Скопје, Основното јавно обвинителство, Советот на јавни обвинители и Академијата за судии и јавни обвинители. Единствени кои не одговорија на прашањата се Апелациониот суд и Советот на јавни обвинители.
Врховен суд: За враќањето на довербата во правосудството, не се доволни само заложби, туку и нивно спроведување
За враќањето на довербата во правосудството, од Врховниот суд на Република Македонија за МИА посочуваат дека, неопходни се силни заложби и преземање на конкретни мерки и активности од сите фактори, како и дека за угледот на судството и за довербата на јавноста најважни се независноста на судството, интегритетот на судиите, ефикасноста во постапувањето и транспарентноста.
– Граѓаните мора да препознаат искрена волја за овие потенцирани заложби кои мора практично да се спроведуваат, а не само да бидат декларативно искажани. Судството мора да биде отпорно на влијанија и притисоци и во таа насока јавноста треба да биде уверена во квалитетот на правдата и во законитоста на судските одлуки. Граѓаните имаат право на ефикасно судство бидејќи пресудите се донесуваат во нивно име, категорични се од Врховниот суд.
Врховниот суд, посочуваат оттаму, ќе продолжи да работи со засилена динамика, во согласност со своите законски надлежности, но и во согласност со препораките на Европската комисија.
– Во новиот извештај на Европската унија работата на Врховниот суд е позитивно оценета, особено за унапредувањето на судската практика, за конзистентноста на пресудите, за донесувањето на начелните ставови и мислења и за функционирањето на Советот за отворено судство, велат од Врховен.
Во пресрет на новата година, претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, изразува уверување дека Врховниот суд ќе постапува ефикасно и ажурно, ќе ги преземе сите законски надлежности и ќе ги поддржи сите иницијативи кои се во насока на зајакнување на довербата во судството, унапредување на независноста на судството и борбата против корупцијата.
Судски совет: Од особена важност се избор и унапредување на судии според нивните постигнати резултати
Враќањето на изгубената доверба кај граѓаните, од Судскиот совет, велат дека е тежок и долг процес, но секој преземен чекор во таа насока е важен за постепено враќање на довербата.
-Судскиот совет очекува дека во наредниот период ќе има видливи резултати и активно ќе работи на подобрување на перцепцијата за судството. Од особена важност за Судскиот совет се транспаретноста и отчетноста на самиот совет и на целото судство, следењето на состојбата во судовите, како и избор, односно унапредување на судии според нивните постигнати резултати со цел да имаме ефикасен систем кому граѓаните ќе му веруваат, се вели во одговорот од Судскиот совет за МИА.
За Кривичен анкетата на ИРИ не ја оценува конкретно неговата работа
Од Основниот кривичен суд Скопје за МИА велат дека анкетата на ИРИ за довербата во правосудството, не ја оценува поединечно работата на Кривичниот суд, туку на целокупниот судски систем кој, како што посочуваат, има сличен – едноцифрен рејтинг на доверба како и медиумите, невладиниот сектор и други.
Кривичниот суд, исто така, укажува и дека повисоките судски инстанци се надлежни да преземат конкретни мерки според кои ќе се водат пониските судови.
– Кривичниот суд според последниот годишен извештај на Врховниот суд на РСМ е најтранспарентен суд во земјата кој е единствен што организира редовни брифинзи и медиумски настани со новинарите и претставниците на невладиниот сектор, прв суд во кој функционира Медиа центар, дозволени се снимања и директни емитувања од пресудите за предмети од јавен интерес, спроведени проекти со Коалицијата за правично судење за анонимизирање на правосилни пресуди и инсталирана опрема за аудио и видео снимање на расправите, се вели во одговорот од Основниот кривичен суд Скопје.
Во однос на ефикасноста на судството, од Кривичен, го посочуваат последниот извештај за работата на судовите на Судскиот совет, според кој овој суд е оценет како ажурен суд кој го совладал приливот на новопримени предмети и го намалил заостатокот на стари – нерешени предмети.
– Овие признанија во однос на транспарентноста, отчетноста, дигитализацијата на судниците и ефикасноста и економичноста во работењето се забележани и во извештаите на Меѓународните набљудувачи на судскиот систем во земјата. Па врз основа на сето тоа може да се донесе заклучок за мерките кои Кривичниот суд ги презема за сопствениот рејтинг и угледот пред јавноста, стои во одговорот од Основен кривичен суд Скопје.
Основен граѓански суд Скопје: Еден од главните проблеми недостигот на човечки ресурси и застарената техничката опременост
Во однос на ниската доверба во правосудството, од Основниот граѓански суд Скопје, посочуваат дека се работи за една вкупна и збирна анализа на довербата во целиот правосуден систем, и дека гледано во глобала во моментот владее голема недоверба во целиот тој систем.
Претседателот на скопскиот Граѓански суд, Илир Сулејмани во изјава за МИА како основни проблеми со кои се соочува судот во своето работење, ги посочува недостигот на човечки ресурси, односно несоодветен број на судии и на судска служба, иако, како што вели, со надчовечки напори судот во изминатите години успеал да се справи со сите новонастанати проблеми и да биде ажурен, односно да го совлада приливот во тековната година.
– Во моментот од утврдените 77 судиски места, судската функција во Основниот граѓански суд Скопје ја вршат вкупно 57 судии. Во очекување сме набргу да бидат избрани нови судии во овој суд од редот на кандидатите – слушатели од VII-ма генерација од Академијата за судии и јавни обвинители, чија обука се ближи кон самиот крај. Понатаму во однос на судската служба, согласно Правилникот за систематизација на работните места, предвидени се вкупно 533 работни места за судската служба, а во моментот судот располага со 240 вработени во судска служба. Ова е доволен приказ за тоа дека судот не располага со доволно кадар од секаков профил на стручна служба, вели Сулејмани.
Во судот, додава Сулејмани, постои недостиг на кадар и во областа на информатичката технологија, па така, другиот проблем со кој се соочува овој суд се однесува на техничката опременост во судот, а која исто така има големо значење од аспект на остварување на својата работа како правосуден орган со оглед на надлежноста на истиот.
– Во судот техничката опременост е застарена, имено иако 28 судници се опремени за водење на тонски записи на рочиштата, поголемиот дел од опремата е амортизирана и технички неисправна со што се отежнува функционирањето на истата, па од особена важност е да се преземат мерки за замена на неисправните компоненти, како би можело непречено одвивање на рочиштата со тонски запис во сите судници во судот. Недостигот на ИТ опрема е исто така проблем, постои потреба од итно обезбедување на средства за набавка на ИТ опрема како би можело непречено да се одвива работата во судот. Би напоменал дека за сите недостатоци и потребни надградби на Акмис системот судот го известува Работното тело за унапредување и стандардизација на постапките при Врховниот суд на РСМ, нагласува Сулејмани.
Овие проблеми, според Сулејмани, иако не се единствена пречка за подобро и поквалитетно функционирање на судот, значително влијаат на самиот процес на работа на судот.
– Но, по мое мислење истите се од приоритетно значење за подобрување на ажурноста, ефикасноста, квалитетот, а со тоа и на пораст на рејтингот за доверба во судството, посочува претседателот на Основен граѓански суд Скопје.
Управен суд бара јавни расправи во управните спорови за зголемување на довербата на граѓаните
Од Управниот суд посочуваат дека со спроведувањето на правилата на Европската конвенција на човекови права, како и одлуките на Европскиот суд за човекови права се инсистира на спроведување јавни расправи во управниот спор, односно потребата од националните законодавства да овозможат законска основа управните спорови да се спроведуваат во класични судски процеси каде странките ќе ги бранат своите барања, а јавните органи ќе ги аргументираат позициите што претходело во управната постапка што претходела на спорот.
– Управниот спор е спор на законитост, спор на полна јуриздикција, гледајќи од содржината на судските одлуки кои произлегуваат од ЗУС. Судските пресуди, преставуваат соодветна целина, заснована и придружена со правно издржани мислења, препораки и коментари, впрочем таа служи како основа за запознавање на јавноста со судската практика, се вели во одговорот од Управниот суд за МИА.
Сите овие дејности, посочуваат од Управниот суд, се неопходни за да се зацврсти правната сигурност кај граѓаните, да се направи подостапно управното право од аспект на нормативната дејност и управно-судската практика во државата.
– И на овој начин граѓаните ќе имаат поголема доверба во управното судство и ќе бидат запознаени со управно-судската контрола над актите кои им се издаваат од јавните органи, се вели во одговорот од Управниот суд.
ЈОРСМ тврди дека транспарентно и отчетно се санкционираат сите кои неажурно и несовесно ја вршат работата
Од Јавното обвинителство на Република Македонија, пак, посочуваат дека континуирано преземаат активности за зголемување на транспарентноста и отчетноста со крајна цел јакнење на довербата на јавноста во оваа институција.
– Обвинителството редовно ја известува и ќе продолжи да ја известува јавноста за сите одлуки кои ги носи во предметите од јавен интерес, а во последниот период преку механизмите за оценување на работата и за дисциплинска одговорност на јавните обвинители се санкционираат сите поединци кои недоволно ажурно и несовесно го извршуваат своите задачи, нагласуваат од ЈОРСМ за МИА.
Од ЈОРСМ, исто така, нагласуваат дека ваквите активности ќе продолжат и во иднина, со што, сметаат дека ќе ја зголемат довербата.
– Ваквите активности во следниот период ќе се интензивираат, со што веруваме дека и довербата на јавноста во Јавното обвинителство, која согласно последната анкета изнесува три отсто апсолутна и 18 отсто делумна доверба, ќе биде дополнително подобрена, се вели во одговорот од ЈОРСМ.
Академија за судии и јавни обвинители: Граѓаните имаат потреба од видливо, ефикасно и праведно правораздавање
Од Академијата за судии и јавни обвинители, велат дека довербата искажана кон правосудството во анкетата на ИРИ е исклучително ниска и разочарувачка, а причините секако дека се комплексни.
Директорката на Академијата, Наташа Габер Дамјановска, верува дека голем дел од јавноста проценува според впечатокот од низата настани кои одекнаа во јавноста во последниот период, а го засегаат правосудството.
– Разбирливо е дека граѓаните имаат потреба од видливо, ефикасно и праведно правораздавање, што во крајна линија е одраз на стабилност на еден правосуден систем, оценува таа за МИА.
Од аспект на Академијата, посочува дека должност е и понатаму да се фокусира на квалитетна едукација, со цел стекнатото знаење да придонесе во квалитетното правораздавање.
– Ова се однесува како на континуираната обука, така и на почетната. Се надевам дека новата Седма генерација на слушатели која деновиве полага завршен испит, со оглед дека е бројна (58 лица), набрзо ќе стапи на работа и ќе придонесе во зголемената динамика и ефективност во работата на правосудните органи, вели Габер Дамјановска.
Министерство за правда: Потребно зголемувањето на финансиската независност на правосудниот систем
Од Министерството за правда за МИА посочуваат дека тие се дел од извршната власт и во рамки на своите надлежности, се грижи за спроведувањето на системски реформи и владеење на правото, а со тоа и обезбедување на оптимални услови за правилно функционирање на правосудниот систем.
– Министерството за правда во изминатиов период направи многу за подобрување на условите во правосудството. Во Собраниска процедура доставени се повеќе закони: Законот за Академија за судии и јавни обвинители, Законот за парнична постапка, Законот за адвокатурата и Законот за вештачење. Минатиот месец беа донесени Законот за компензација на жртви од кривични дела, Законот за граѓанска одговорност од навреда и клевета, како и законите со кои се зголеми платата на судските и јавнообвинителските службеници, информираат од Министерството за правда.
Во идниот период, посочуваат од Правда, се очекува заокружување на законодавната агенда со доставувањето на Законот за помилување, Кривичниот законик, Законот за кривичната постапка и Законот за извршување на санкциите во Собраниска процедура.
– Со ова ќе се заврши реформата во казненото законодавство, подвлекуваат тие.
Донесувањето на новата Стратегија за развој на правосудниот систем, според Министерството, ќе ги постави темелите за градење на подобри капацитети за функционирање на правосудните органи, а истовремено ќе се пристапи кон исполнување на оние активности што значат изнаоѓање на системски решенија за правилно функционирање на правосудниот систем.
– Тука би ги напоменале Законот за судовите и Законот за јавното обвинителство. Зголемувањето на финансиската независност на правосудниот систем е исто така една од најзначајните работи кои што треба да се спроведат од страна на Собранието преку донесувањето на законите за плати на судиите, јавните обвинители, членови на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, нагласуваат од Правда.
До 2024 година, од Министерството, очекуваат државата да го има својот прв Граѓански законик што ќе означи заокружување на законодавната реформа во граѓанската сфера.
Александар Атанасов за МИА