Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули денеска преку својот Фејсбук профил информираше дека инцидентот во фабриката ОХИС во Скопје бил целосно саниран и оти нема никаква опасност.
– По вчерашните случувања во кругот на „Охис“, денес повторно е направен увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина и од Лабораторијата АМБИКОН на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ангажирана од страна на судот, за надзор на процесот и начинот на кој се одвива чистењето. Она што е констатирано е дека инцидентот е саниран, благодарение и на брзата реакција на сите надлежни институции, напиша Макрадули на Фејсбук.
Додава дека откако ќе бидат собрани и обработени податоците од сите релевантни институции, ќе се донесе соодветно решение.
– Сакам да ги уверам жителите на Кисела Вода дека не постои никаква опасност, а тоа и го покажуваат и мерењата од страна на Лабораторијата АМБИКОН, направен со PID детектор за органиски испарливи компоненти кој покажа дека нема концентрација на метил акрилат мономер во зоната на објектот, пишува Макрадули.
Инцидентот беше пријавен вчера од страна на граѓани кои почувствувале непријатна миризба, печење на очите и главоболки. На терен беа излезени сите надлежни институции и според информациите од Државниот инспекторат за животна средина целата излеана течност беше собрана уште во текот на вчерашниот ден. Информациите од надлежните институции беа дека е истечена вода од цистерна во која претходно бил складиран метил акрилат мономер. При миењето на цистерната попуштил вентил и течноста се излеала во бетонска када која е надвор од објектот поради што се почувствувала непријатна миризба во околината.