Граѓаните кои ќе сакаат да добијат стопроцентна субвенција за замена на печката на дрво со високо ефикасен инвертер ќе потпишат договор со општината и ќе се обврзат дека ќе го предадат грејното тело кое е на дрва, изјави денеска заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, објаснувајќи ја новата мерка на Владата со која ќе се субвенционираат инвертер клими.

Како што рече Макрадули, со потпишувањето на договор со Општината, граѓанинот ќе се обврзе дека во неговиот дом може да се направи контрола за да се провери дали ја користи климата. За секоја злоупотреба, рече тој, ќе има казни.

-Никогаш не е доцна за добра мерка. Оваа мерка зависи од финансиските средства и мора да се склопи како законско решение, ќе бидат предвидени стандардите, нема да дозволиме инвертори без гаранција – рече Макрадули.

Тој додаде дека Данска субвенционирала по 530 евра за оваа мерка, Германија по 1.000 евра, а дека мерката се спроведува и во Полска, Чешка, Словачка и Бугарија.

-Предност ќе имаат ранливите семејства и зоните кои се осетливи, како Ново Лисиче. Досегашниот топлотен комфор ќе биде заменет со два инвертори, а вредноста на тој систем е околу 1.000 евра, рече Макрадули.

Нејасно е зошто е посочено токму Ново Лисиче каде што речиси 100 процентно не се користи дрво за огрев!?

Одлуката за висината на буџетот за спроведување на мерката допрва треба да се донесе, а приоритет ќе им се даде на жителите од најзагадените градови како Скопје, Тетово, Кичево и Битола.

За да не остане нејасно, пампур е прилепски израз за печка на дрва.