Сојузникот мора да биде сигурен, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во Нджамена, околу повлекувањето на САД од Сирија, одлука за која што „длабоко жали“, јавува МИА.
– Длабоко жалам за одлуката донесена од САД за повлекувањето од Сирија, рече Макрон, додавајќи дека „сојузникот мора да биде сигурен“.
Тој притоа му оддаде почит на шефот на Пентагон, Џим Матис, кој поднесе оставка по одлуката за повлекување на американскиот претседател Доналд Трамп.
Макрон увери дека Франција ќе продолжи да биде ангажирана, потсетувајќи на работата на сириските демократски сили во борбата против тероризмот. Тој пртиоа нагласи дека „не треба да заборавиме што им должиме“.
По одлуката на САД за повлекување од Сирија, арапско-курдската коалиција во Сирија сака Франција „да изврши притисок врз Турција, за таа да ги прекине своите закани“ и француските сили да продолжат со својата мисија во регионот.
– Бараме француска дипломатска поддршка, изјави Илхам Ахмад, една од политичките водачи на коалицијата, која смета дека посебно француските власти „можат да извршат притисок врз Турција за да ги прекине своите закани“.
Исто така, додаде таа, „побаравме француските сили да ја преземат својата задача во регионот додека не се најде политичко решение“.
По најавата за повлекување на американските војници распоредени во Сирија, во Париз не се крие загриженоста за натамошното присуство на француските војници, кои во добар дел работеа координирано со американските сили, посебно во добивањето информации од теренот, но и со користење на многу поголемите воени капацитети на американските воени сили.