Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека треба да и се помогне на Украина, но не да ја нападне Русија.
– Наша должност е да и помогнеме на Украина како што правиме, да ја заштитиме нејзината територија, а не за да може Украина да ја нападне Русија. Ние не сме во војна со Русија, изјави Макрон за француската онлајн телевизија BFMTV.
Според него, целта е Украина да пружи отпор, да си го врати суверенитетот, а Русија да седне на преговарачка маса.
Францускиот претседател најавата на Русија за мобилизација на резервистите и заканата од употреба на нуклеарно оружје ја оцени како уцена.
– Очигледно е уцена бидејќи Путин има нуклеарно оружје и опасноста е секогаш присутна. Тоа е начин на притисок во тешко време на војна, рече Макрон.