Францускиот претседател Емануел Макрон утре ќе допатува во дводневна официjална посета на Белград. Тоа ќе биде прва посета на еден француски претседател на Србија по 2001 година, кога Белград го посети Жак Ширак.
Од посетата, која веќе еднаш беше одложена во декември минатата година поради протестите на „жолтите елеци“, неговиот домаќин, српскиот претседател Александар Вучиќ има големи очекувања, пред се во поглед на потпишувањето на околу 20 договори од областа на економијата, меѓу кои и пет за воената соработка.
Српските и француските медиуми во анализата на престојната посета наведуваат дека со неа Макрон ќе го означи обновувањето на француското присуство во Србија и во регионот. Како две главни теми се наведуваат Косово и дијалогот за нормализација на односите, кој е блокиран со месеци, како и евроинтеграциите на земјите во регионот.
По Берлинскиот самит, кој беше свикан на иницијатива на Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, тогаш најавеното продолжување на преговорите во јули во Париз беше одложено, поради немање никаков напредок.
И покрај тоа што официјалниот став на Франција за Косово е продолжување на дијалогот со цел постигнување компромисно решение, според Фигаро и Франс прес, една од темите би можело да биде и разграничувањето, бидејќи „Париз е отворен за тој пристап, додека Берлин стравува оти со тоа ќе се отвори Пандорината кутија на национализмот“.
Српските медиуми и аналитичари не веруваат дека оваа посета ќе биде клучна за конечното решение на овој проблем, но имаат очекувања дека Макрон со „некои нови идеи“ ќе го поттикне натамошниот дијалог меѓу Косово и Србија, како и дека се очекува, барем пред јавноста, Макрон да излезе со „некои големи изјави.“
Она што, исто така, се очекува, не само во Србија, туку и во регионот и во Македонија, е дилемата на прашањето дали Макрон во Белград ќе го повтори својот став дека проширувањето на ЕУ може да следи само по реформата на Унијата и дали српскиот претседател ќе успее да го омекне Макрон да даде позитивни одговори на прашањето за перспективите на евроинтеграциите на Србија и на земјите од регионот.
Макрон не ја поддржува политиката на проширување на ЕУ, но тоа не значи дека се спротивставува на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан и Србија. Токму со оваа посета се очекува, меѓу другото, да се потпишат и договори со кои Франција ќе и помогне на администрацијата во Србија да добие европска димензија потребна за пристапување во ЕУ, наведуваат српските медиуми.
Каква и да биде посетата на Макрон на Белград, српскиот претседател веќе ја користи на вообичаен начин како потврда за неговиот голем углед во светот.
За безбедноста на францускиот претседател во Белград утре и задутре ќе бидат ангажирани околу 4.000 полицајци, специјалци и снајперисти. Веќе се пристигнати 100 француски специјалци, меѓу кои и припадници на Легијата на странци, а движењето во главниот град на Србија за време на посетата ќе биде ограничено, согласно протоколот на движењето на делегациите.