Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски остро реагираше на одлуката на поединци на СДСМ кои не го почитувале статутот на партијата и се обиделе да го исклучат.
– Длабоко сум разочаран и искрено жалам за таквата, би рекол шверцерска, полноќна одлука на поединци на раководството на мое СДСМ. Дури ни таквата одлука не е легитимна, затоа што не е согласно статутот на СДСМ. Одлуката за исклучување се носи на седница на Извршниот одбор, па потоа на седница на Централниот одбор на партијата. Моите информации велат дека такви седници не се одржала. Правно формално јас сè уште сум член на СДСМ. Небулозата дека сам себе сум се исклучил не би ја коментирал – соопшти Димитриевски.
Тој смета дека СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги и манипулации предизвикуваат огромна разочараност и штета кај членството, симпатизерите и поддржувачите, и сакаат Куманово да го претворат во свој пашалак.
– Јас по убедување сум социјалдемократ, со јасна и прецизна социјалдемократска идеја, мисла и визија. И никој, ама баш никој, тоа не може да ми го одземе. Куманово е револуционерен град и на 17 октомври кумановчани ќе го покажат својот непокор и пркос, упатувајќи силна порака кој на кого му свртел грб – се вели во реакцијата на градоначалникот на Куманово.