Таа е млада, тазе докторка, прекрасна личност, има една од најубавите градини во Тиквешко и пошироко, на само неколку метри од Демиркаписка Клисура и со поглед кон каменото царство што гордо се извишува над реката Вардар.
Дваесет и седумгодишната демиркапијка Кристина Николовска има своевиден рај во дворот, волшепство какво што посакуваат сите. Изобилство од различни еколошки овошја и зеленчуци, кои ги будат сите сетила. Изгледаат убаво, имаат магичен мирис, извонреден вкус и како самите да велат „пробај ме“.
– Да имам пространа и убава градина ми беше сон уште од дете. Можам слободно да кажам дека сум многу среќна што живеам во Демир Капија и сум гордо дете на природата. Имам среќа што живеам пред Демиркаписката Клисура и тоа е поглед што никогаш не ми здодеал и ми е секогаш вреден за воодушевување. Пасијата за дворно уредување ми ја пренесе брат ми, кој живее во Бургас, Бугарија. Можам да кажам дека голем дел од нашата комуникација опфаќа идеи поврзани со хортикултура, градинарски декор и проекти од типот „направи сам“, започна да раскажува таа за МИА.
Медицината нè прави одговорни кон луѓето, но и кон дрвцата и растенијата
Пред некое време дипломира медицина. Таа е третиот доктор во семејството. Ги следеше стапките на татка си и братот, кој пред некое време при едно бугарско интернет-гласање беше избран за најдобар кардиолог. Има мајка медицинска сестра, а прабаба ѝ по татко, своевремено како традиционална бабица, со години ги пораѓала жените во Демиркаписко.
– Медицината како наша професија нè прави да се чувствуваме одговорни не само кон здравјето на луѓето, туку и кон „здравјето“ на нашите цвеќиња, дрвца, коишто ни возвраќаат со плод и неизбежен чист воздух. Нашата градина не изгледаше до пред 10 години на начинот на којшто изгледа сега. Станува збор за еден декар земја, што беше класична бавча со мало лозјенце во неа. Пред 10 години направивме уредување со посадување германска трева на една парцела, а во 2018 година го посадивме целиот посед со трева и сега има изглед на голем парк. Дворот продолжува со дворот на стрина ми, која исто така се грижи со голема љубов кон градината. Таа има фурна, која ја користиме за приготвување домашно лепче или, пак, за домашните пици на брат ми, кој е убедливо најдобар во тоа. Косењето трева е моја обврска, понекогаш и на татко ми. Во почетокот косењето ми одземаше 4 часа за двете парцели, а сега станав професионална и брза и косењето се сведува на 2 часа. Тоа за мене е еден вид медитативен спорт, добра вежба за тело и ум. Бидејќи е голема површина, наводнувањето е неизбежно важно, особено во летниот период. Обилно наводнување на тревата, за да биде убаво зелена, по косење е задолжително. Со тропски температури како што ги имаме во Демир Капија, нужно е полевање на цвеќињата до двапати дневно, појасни позитивната, секогаш ведра и насмеана Кристина.
Чиниш нејзиното расположение го пренесува и на дрвцата и растенијата наоколу, та тие, исто како и таа, пленат со својата разиграност, преполни со живот.
А речиси нема што нема во нивната овошна градина кога се во прашање овошките карактеристични за демиркапиското поднебје. Како во своевидна бајка. Таму човек просто не знае што попрво да скине и да проба. Овошните дрвца мамат погледи. Има повеќе сорти јаболка, круша, слива, калинка, мандарина, дуња, вишна, цреша, кајсија, урми. Од шумско овошје има капинки, малини, рибизли, црвена рибизла, јагоди.
– Зад нашата куќа имаме лозов насад со грозје од сортите „кратошија“ и „смедеревка“ и оваа година се планира подготовка на домашно вино. Во близина на лозјето се наоѓа нашата мини зеленчукова фолија, каде што имаме пиперки, домати, краставици, пченка, тикви и тиквички, кромид, лук. Оваа година и домашната лубеница и диња се погодија. Мајка ми, пак, од сите тие производи прави разни специјалитети. Домашни слатка, џемови, зимници, маџун, домашни ликери. Експерт и познавач е на многу билки и нивната лековитост. Зависно во која сезона се наоѓаме од годината, тоа и садиме. Главно не купуваме ништо, ги користиме продуктите од нашата градина, откри мојата пријателка.
Воз од дрво за цвеќиња, во чест на дедо ми железничар
Освен што е образована и е голем љубител на природата, Николовска е долги години член на аматерскиот театар „Мирка Гинова“ од Демир Капија, кој постои повеќе од половина век и има освоено бројни награди за својата талентираност за глума. Мислам дека никогаш нема да престанам да раскажувам за тоа како ја донесе нејзината последна театарска улога. Талентирано, харизматично, провокативно, воодушевувачко.
– Театарското хоби од кое нема да се откажам, барем не во духовна смисла, периодично и најмногу поради пандемијата на КОВИД-19, се замени со веќе постоечкото хоби за градинарење и моето време сега сакам да го трошам во градината. Посебно оваа пролет, за време на карантин и полициски час, бев во градина цел ден, дома влегував само за спиење. Можам да кажам дека воопшто не го почувствував тој карантин, благодарение на просторната градина, која ми даваше смисла на денот. Направив воз со татко ми од дрвени материјали, на кој можеш да си ставаш цвеќиња. Возот му го посветивме на дедо ми, кој почина 2019 година, а беше железничар во „Југословенски железници“, емотивна беше таа.
Романтична по природа, знае да си направи задоволство на душата со свежо исцедени сокови од разните овошја и зеленчуци произведени со многу љубов, внимание и посветеност.
– Пред легнување си мечтаам за нови идеи, следам доста интернет-страници, кои ми служат за инспирација, па така во јуни си отворив страница на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, kitty’s gardening.landscaping. Таму си ја промовирам градината, со цел тоа да биде дневна позитивна енергија. Таму може да се видат дел од активностите и мои рутини што ми се омилени. Пиење утринско кафе во градина, вежбање, правење разновидни смудиња, читање книга. За мојата градина имам многу идеи и планови, секој е добредојден што ја посетува Демир Капија, да се напие едно кафе со поглед кон Клисурата, и да ужива во моментот на сегашноста. Како што работам во градината, таа работи на мене, физички и духовно, децидна беше мојата соговорничка.
И тоа не е сè. Со оглед на тоа што Демир Капија или „железната порта“ станува сè поактуелна за развој на алтернативен туризам, со бројните убавини што ги нуди, Николовска размислува семејната градина да ја стави во функција на тој туризам. Тоа би значело сите туристи што ќе дојдат како љубители на алпинизмот, спелеологијата, историскиот или винскиот туризам, да можат за миг да се одморат во рајското катче, кое е само на неколку метри од грациозната клисура.
Светлана Дарудова за МИА