Дарко ЈАНЕВСКИ
На 21 септември го славиме раѓањето на Богородица. Следниот ден, на 22 септември нашата црква го празнува денот на родителите на Марија, мајката на Исус. И додека раѓањето на Исус е опишано во одредени детали во евангелијата по Матеј и Лука, за раѓањето на мајката на Исус, во Библијата, односно во ниту една од 27 книги на Новиот завет, нема ниту еден збор. Ниту еден единствен збор. Како што нема ниту еден збор ни за родителите на Богородица. Дали ги знаете нивните имиња? Веројатно не. Како тогаш ѕтре ќе го славиме нивниот ден, ако не им ги знаеме имињата?
Иако Библијата во првиот и вториот век не постоела како една книга, низ тогашниот христјански свет циркулирале евангелијата и дотогаш напишаните посланија, како тие, на пример, на Павле. Но, некој ја увидел празнината. Како може да немаме ниту еден збор за мајката на Исус и за нејзините родители? Можеби биле забележани и контрадикторностите околу описот на раѓањето на Исус кај Матеј и Лука.
Веројатно тоа е причината што околу средината на вториот век (некои научници велат „околу 145 година“) настанало „Протевангелието по Јаков“. На крајот на ова „праевангелие“ се вели: „Јас Јаков, ја напишав оваа приказна во Ерусалим.“
Јаков е братот на Исус, еден од 70-те апостоли, прв поглавар на црквата во Ерусалим по смртта на Исус и неговото воскресение. Еден од најголемите скептици околу божествената природа на Исус, кој се уверува дека неговиот скептицизам е погрешен дури откако Исус, по воскресението му се појавува (1 Коринтјаните, 15; 7 – „потоа му се јави и на Јакова и на апостолите“).
Но, Јаков умира во шеесетите години на првиот век на 62 годишна возраст, откако е фрлен од кровот на храмот во Ерусалим по што притрчува некој човек и така силно го удира по главата, што Јаков веднаш умира.
Така што, Јаков не бил можел да биде автор на Протоевангелието напишано најмалку 75-80 години по негповата смрт. Кој е тогаш автор?
Тоа е непознато. Но, јасно е дека авторот сметал дека ако напише дека се вика Јаков, име кое упатува на братот на Исус, ќе го зголеми авторитетот на напишаното (оваа појава била мошне раширена во античкото време, па некои научници сметаат дека и неколку посланија во Библијата носат лажни имиња). Во тоа и успеал, бидејќи иако Протоевангелието не е составен дел од Библијата, тоа ни ги дава имињата на мајката и таткото на Марија (Богородица) – Ана и Јоаким, и ни дава интересни детали за раѓањето на Исус кои ги нема кај Матеј и Лука, а кои во традицијата се задржале и до денес. На пример, приказната за раѓањето на Исус во пештера доаѓа токму од ова Протоевангелие. Кај Матеј не се споменува ништо за местото на раѓање на Исус, а кај Лука само се вели дека бебето било ставено во „јасли“. Но каде се јаслите – во пештера или штала? Одговорот го дава Јаков. Како се знае дека Марија останала девица и по раѓањето, дилема која очигледно се јавила кај раните христијани? Одговорот го дава овој „анонимен“ Јаков! Имало масакр во Витлеем, како што пишува кај Матеј или нема, како кај Лука! Итн, итн!
Јаков, братот на Исус
Како пак научниците знаат дека Протоевангелието е напишано околу 145 година од нашата ера? Постојат неколку начини, а еден од нив е стилот на пишувањето на текстот кој соодветствува на тоа време, а не на некое претходно или подоцнежно. Сепак, и покрај фактот што Протоевангелието не било автентично сведоштво од времето кога Исус се движел по земјата, за кратко време станало многу популарно, па во петтиот век папата Иносент Први дури и го осудил текстот. Осудите продолжиле и во наредните векови, вклучувајќи ја и осудата која стигнала од Тома Аквински, бидејќи во текстот се споменува дека на раѓањето на Исус биле присутни бабици (една од нив е Саломија, жена чие име подоцна се споменува меѓу жените кои во недела доаѓаат при празниот гроб на Исус, но не може да се знае дали станува збор за иста личност). Оттука, Тома Аквински, Протоевангелието го нарекува „апокрифен скитник“.
Оваа гравура на панел од слонова коска потекнува од 6. век. Се однесува на раѓањето на Исус, а во долниот дел може да се види Саломија како ја пружа раката кон бебето. Тоа е приказна која ја има само во ова Протоевангелие, но токму Саломија е една од двете бабици поради кои овој текст е отфрлен
Но, и покрај тоа, самите цркви прифатиле дека Ана и Јоаким се имињата на родителите на Марија, а што од ова Протоевангелие прифатиле самите христијани, лесно може да се забележи во времето на Божик.
Но, да се вратиме на приказната за раѓањето на Богородица опишана во Протоевангелието на човекот кој се претставува како Јаков, брат на Исус.
Таткото на Марија, бил богат човек. Многу богат. На Бога му принесувал двојни понуди. Велел: „Ова е за добробит на сиот народ и за мене, Господ да се смилува и да ми ги прости гревовите“.
Но, на еден празник, еден од свештениците му префрлил: „Не е законски да носиш дарови, бидејќи немаш пород“.
Тоа го вознемирило Јоаким и тој заминал во пустина. Си ветил дека 40 дена нема да јаде и да пие, додека Господ не ги слушне неговите молитви. Тие се сведувале на едно: тој и неговата сопруга, Ана, да имаат пород.
Во меѓувреме, неговата сопруга, Ана, била двојна загрижена и збунета и говорела: „Ќе бидам во двојна жалост поради тоа што ќе станам вдовица (мислела дека Јоаким нема да се врати од пустината) и поради неплодноста.“
Тогаш се приближил големиот празник Господов, а Јудита, нејзината слугинка, и рекла:
„Уште колку долго ќе си ја мачиш душата своја? Празник е Господов и не е по закон некој да биде во жалост. Земи ја оваа облека што ја донесе еден кој ја прави, зашто не треба да ја носи слугинка како мене, а тебе и подобро ќе ти стои.“
Моментот кога ангелот ги израдувал Јоаким и Ана
Ана и одговорила:
„Оди си од мене. Не сум навикната на такви работи, а и Господ ме посрамоти. Се плашам дека ти ја дал некој зол мајстор, и дека ти си дошла да ме загадиш со гревот мој.“
Слугинката и одговорила: „Какво зло јас би ти посакала, па не сакаш да ме послушаш? Јас не можам да ти посакам поголема клетва од таа под која веќе си, да не бидеш мајка!“
На тоа Ана силно се вознемирила, пишува Јаков, и имајќи ја на себе венчалната облека, околу деветиот час отишла во градината да прошета.
„И здогледа ловорово дрво и седна под него и му се помоли на Бога говорејќи: „О Боже на татковците мои, благослови ме мене и молитвите мои како што ја благослови Сара и и го подари синот Исак…“
Тогаш и пришол ангел Господов, вели Јаков, и и рекол:
„Ана, Ана, Господ ја слушна твојата молитва. Ќе забремениш и ќе родиш и за твојот пород ќе се зборува низ целиот свет.“
И Ана одговорила: „Како што е жив и Господ Бог мој, што и да родам, машко или женско, ќе го посветам на Господ Бог и ќе му служи во светите работите сиот свој живот“.
Тогаш се појавиле уште два ангела кои и соопштиле дека се враќа и Јоаким, зашто ангелите веќе му соопштиле дека Ана ќе остане бремена.
Тоа е почетокот на приказната која ќе доведе до раѓањето на мајката на Исус. Кога имала девет месеци, Ана ја ставила на нозе да види дали може да стои, а таа направила девет чекори и се вратила во скутот на мајка си.
Авторот на Протевангелието не пропушта да го наведе и моментот кога и се јавува ангелот за да и каже дека „Господ е со неа и дека ќе забремени“. Марија тогаш имала 16 години.
Извонредно четиво, а еве и линк до него на српски јазик.