Малезија на богатите земји во светов им врати 150 контејнери со 3.737 тони отпад и порача дека нема да биде „светско ѓубриште“.
Откако Кина во 2018 го сопре увозот на отпад од странство, тој регион е преплавен со пластика од развиените САД, Канада, Франција и Велика Британија.
Голем број кинески компании кои се занимаваат со рециклирање се преселија по забраната во Малезија поради што во таа земја дојде до недозволени испораки на огромни количества пластика.
Владите низ целиот регион сега ја враќаат нелегално увезената пластика, а министерката за заштита на животната средина Јео Би Јин кажа дека Малезија вратила 150 контејнери кои превезувале 3.737 тони отпад од разни земји, вклучувајќи ги Франција, САД и Британија.
Земјите кои го испратиле ѓубрето ќе мора да ги покријат трошоците на враќањето.
– Не сакаме да дадеме ни пара за тоа. Кога некој незаконски ќе го фрли своето ѓубре во вашата земја, нема вие да плаќате за да се врати назад, изјави Јин.