Здружението на новинари на Македонија потсетува дека Уставот на РСМ во членот 16 го гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање и ова право е загарантирано во Законот за медиуми, како и во Европската повелба за заштита на човековите права.
Реакцијата е во врска со новинарот Љупче Златев, кој денеска во просториите на СВР Скопје на претходна покана од МВР во присуство на правен застапник имал разговор со службени лица од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.
– Според разговорот со колегата Златев, предмет на разговорот биле неговите претходни објави на онлајн медиумот каде што тој е уредник, а поврзани со сомнежите за сторени кривични дела од страна на Генералниот секретар на Владата на РСМ, Драги Рашковски. На разговорот во МВР, од Златев било барано да потврди дали тој е автор на овие објави, како и да го открие изворот на објавените информации и снимки. Тој потврдил дека е автор, но одбил да даде информација за својот извор, наведува ЗНМ.
ЗНМ истакнува дека ретки се примерите во европските земји каде што за објавен текст кој индицира злоупотреби во системот, се повикуваат новинари да го кажат својот извор.
– Ваквата практика може да се толкува како притисок кон новинарите со што може да придонесе кон само цензура, додава Здружението на новинарите.
– ЗНМ со особен интерес го следи овој случај и стои на располагање за бесплатна правна помош за новинарот Златев, доколку истата е неопходна, стои во реакцијата на ЗНМ.
И Македонската асоцијација на новинари (МАН) бара од Основното јавно обвинителство да не ги притиска новинарите да ги откриваат своите извори, бидејќи тоа е спротивно на член 3, став 2 и член 12, став 1 од Законот за медиуми, потоа член 2, став 4 од Законот за укажувачи, како и цел член 6 од Законот за свиркачи, а спротивно е и на меѓународните новинарски стандарди на ЕФЈ и ИФЈ.
– Новинарот не е должен да ги открива изворите на своите информации и ниту еден закон од домицилна држава не може да го прунуди на тоа. Го поддржуваме ОЈО да ги истражува делата и сторителите на тие кои се посочени во новинарски текстови, особено доколку се документирани со фотографии, ауди-видео снимки и/или документи. Но, не може да се бара од новинарите да ја вршат работата на истражители, додава МАН.
МАН потсетува на Декларацијата за слобода на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа, каде е наведено дека „јавните функционери мора да прифатат дека тие ќе бидат предмет на јавен надзор и критики, посебно по пат на медиумите во поглед на начинот на кој ги извршувале или ги извршуваат своите функции во онаа мера во која тоа е неопходно поради обезбедување транспарентност и одговорно извршување на функцијата“.