Дел од правосудните органи, односно судии и обвинители, кои се инкриминирани и инфилтрирани од поранешната власт на СДС и ДУИ, се погласни во своите барања за зголемени плати, а правдата никако да ја донесат, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со само 2% доверба, една од најлошите статистики во светот, дел од судиите и обвинителите бараат да стигнат и до 360.000 денари плата, а за возврат наместо правда, тие стануваат активни чинители на неправдата.
Со кое лице овие правосудни органи, бараат зголемување на платите, дури поголемо и на оние најразвиени држави, кога за украдени 150 ќебапи се добиваат 3 години затвор, за кубење на коса се добива 4 години затвор, а за пожар во болница каде што живи горат 14 сограѓани, директорите на болницата добиваат по 1,5 година затвор. Секако, тогашниот министер за здравство, а сега актуелен претседател на СДС, Венко Филипче, кој е директно одговорен за овој случај, не е повикан ниту на разговор“, додаде Манасиевски.
Тој во изјавата праша: „Со кое лице бараат истите од 160.000 па се до 360.000 денари плата, кога годишно работат предмети под европскиот просек. Македонските судии и обвинители, работат годишно околу 170 предмети годишно, а просекот е нешто над 200 предмети.
Со кое лице овие судии и обвинители бараат зголемени плати кога поранешни Врховни судии, членови на судски и обвинителски совет, се фатени со мито, па на крај се спогодуваат со други судии, за да не одлежат казна? Каде е тука правдата и одговорноста? Кој вели дека овие што им досудиле спогодба нема и понатаму да одработуваат и да се спогодуваат и со други криминални и корумпирани структури?
Поголемиот дел од судството и обвинителството се чесни и докажани луѓе во својата област. Но, не можат да дојдат до израз токму од овие корумпирани и до гуша заглавени судии и обвинители, кои одработуваат за една или друга партија, или за Струмичко Муртино или Кичевски Зајас“?
Потребни се реформи, а не зголемување на платите. Секако нашите правосудни органи земаат едни од највисоките плати во регионот, а имаат само 2% доверба, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.




