Претседателот на Стопанската комора за енергетика Ѓорѓи Манасков предупредува дека тоа што нема акредитирано тело да ја контролира ЕВН ѝ остава простор на оваа компанија самата да ги чита броилата и да ги им фактурира на граѓаните според свое видување. Манасков оди до таму што отворено вели дека ЕВН нè краде.
-ЕВН културно си додава киловати или мегавати на нашите дигитални броила, колку сака, затоа што ЕВН знае дека не постои акредитирана компанија да ја контролира. И никој ништо не ѝ може и си прави што си сака и колку сака. А граѓаните и компаниите во Македонија се многу питом народ и ќе си молчат и ќе си платат како попче. Народот е плашлив и на протест не излегува за да не го избркаат од работа, пишува Манасков.
Манасков вели дека Стопанската комора за енергетика на Македонија побарала од премиерот и Владата да им го дадат договорот со ЕВН.
-И до ден денес не добивме ништо, туку само навреди и изјави дека не сме биле регистрирани во нивните комори со кои они соработуваат… (па тие комори со кои соработуваат никогаш нема ни да им го побараат договорот). Побаравме која е таа компанија која ги проверува и контролира ЕВН и дигиталните броилата, колку и на кого додаваат киловати. 17 години ЕВН сами си го сервисираат и контролираат мерното броило и си додааваат киловати како им одговара, пишува Манасков.
На ова реагираа од компанијата, соопштувајќи:
ЕВН Македонија сите свои активности на пазарот ги спроведува согласно законската регулатива и под строго определени правила. Оттука, ЕВН Македонија го демантира во целост тврдењето на претседателот на Комората за енергетика, г-дин Ѓорѓи Манасков. Јавно изнесените обвинувања се целосно неточни и нанесуваат штета на целата енергетска индустрија, но и на целокупната јавност, создавајќи неточна слика за состојбите во услови на енергетска криза.
Во интерес на правилно и точно информирање потсетуваме дека сите броила се набавени од реномирани европски производители и се согласно највисоките европски стандарди. За квалитетот на броилата гарантира производителот и контролорот односно државата преку Бирото за метрологија, кое става државен жиг, а е дел од Министерството за економија.
ЕВН Македонија е транспарентна компанија и во таа насока, како и во интерес на јавноста, секогаш сме подготвени да помогнеме во изнесувањето на точни информации во јавноста. За таа цел, го покануваме јавно г-динот Манасков, заедно со претставници на другите релевантни институции кои законски се обврзани да ја регулираат оваа област на енергетскиот пазар, да извршиме теренска проверка на броилата и начинот на кој тие функционираат. За да нема никаков сомнеж, г-динот Манасков, како експерт од областа, има можност сам да ги одбере броила врз кои ќе се врши увид.
Покрај тоа, го покануваме г-динот Манасков и во акредитираната лабораторија, во присуство на претставници на државното Биро за метрологија, орган кој ја контролира работата на лабораторијата, како и во присуство на Институтот за акредитација на РСМ, да присуствува на испитувањето на точноста и исправноста на броилата.