МОЛИТВА
(Поучен Божикен расказ)
Градот, целиот блеска. Минувачите радосни и задоволни поминуваат по осветлените улици, натоварени со пакети во различни бои. Уште само неколку дена, па ќе дојде Божиќ. Снегулките ја играат својата радосна игра. Во централниот дел од градот има штандови полни со секакви производи, кои го привлекуваат вниманието на купувачите.
И додека целиот град е осветлен со некој празничен сјај, и додека сите го очекуваат радосниот празник, во малечката куќичка на крајот од градот сѐ е трошно, влажно и тажно.
На една стара дрвена маса, под една слаба светилка, една жена седи и плаче. Размислува како ќе го прослави Божик. Ана (така се вика жената), во куќата нема ништо, па децата ѝ седат гладни. Ниту леб не може да им купи, а за мали Божикни подароци не смее ни да размислува. Да имаше барем леб и малку млеко, тоа за нив ќе беше гозба.
Ана одамна останала без работа. Работела по куќите и заработувала толку, колку да ги прехрани децата. Но, пред Божик се разболела и не можела повеќе да работи, па сега ниту еден денар нема, а се срами да оди да проси.
Во тажните мисли се сеќава на мајка ѝ, која секогаш ѝ говорела дека Бог ги слуша нашите искрени молитви.
Но, Ана никогаш не Му се помолила на Бога. Сепак, таа вечер таа ги преклонила колената пред иконата и почнала да се моли со горки солзи. Кога се исплакала и малку се смирила, зела едно парче хартија и напишала, онака од срце, молитва упатена кон Бога. Потоа се облекла, зела една кошница, ја ставила во неа хартијата со молитвата и тргнала кон центарот на градот.
Кога пристигнала таму, видела многу тезги. А пред тезгите со секакви намирници, имало долг ред од луѓе купувачи. Ана со трепет и страв во срцето, одлучила да застане во тој ред. Малку по малку, редот се намалувал. Ана треперела од страв, и чекала. Уште само двајца купувачи се пред неа… Уште само еден… И Ана е на ред. Трговецот, загледувајќи ја како е сиромашно облечена и исплашена, ја измерил со студен поглед и грубо ѝ рекол:
– Што сакаш?
Тука нема вересија. Ќе пазариш само ако имаш со што да платиш! Милостина не делам!
– Ништо немам – треперејќи одговорила Ана, – имам само една молитва!
– Ха, ха, ха! – громогласно се смеел трговецот и сите купувачи кои чекале позади Ана во редот.
И за да ја посрами сиротата Ана, пред сите ѝ рекол:
– Ајде, дај ми ја таа молитва, да видам колку е тешка!
Со затреперена рака, Ана го извадила парчето хартија од кошницата, каде што ја напишала сета своја тага и несреќа, сета болка во нејзиното срце и срдечната молитва.
Трговецот го зел парчето хартија и го ставил на едниот тас од вагата, а на другиот ставил една главица салата, но, молитвата била потешка. Трговецот потоа додал и два портокали, но за чудо, молитвата повторно била потешка. Трговецот, сѐ уште насмеан, додал и кутија бисквити и неколку банани, но молитвата пак била потешка. И веќе сериозно налутен, човекот кој не делел милостина, почнал да додава леб, колбаси, салама, колачи. Сето тоа стоело на едниот тас од вагата, но парчето хартија со молитва било потешко.
Молитвата била потешка од сѐ што додавал на вагата. Околу тезгата се собрале многу луѓе, сите сакале да го видат ова чудо, а трговецот бесен и со гневен поглед од лутина, почнал да додава сѐ што ќе му дошло под рака, но молитвата и понатаму била потешка.
Веќе немало место на вагата. Луѓето се чуделе и коментирале. Трговецот вчудоневидено гледал во вагата, и на своите очи не им верувал што се случува. Слушал како луѓето говореле дека Бог го предупредува и му укажува дека треба да им се помогне на сиромашните луѓе.
За да ја прекине таа мачна сцена, тој бесно го ставил во кошницата на Ана сето она што било на вагата. Ана пак, целата со солзи, но сега од радост, Му заблагодарила на Бога, и сета пресреќна, побрзала дома со даровите за нејзините изгладнети деца. А трговецот, огорчен и лут, почнал да ја прегледува вагата. Кога сѐ убаво и детално прегледал, здогледал како една карамела-бонбона паднала во механизмот и ја блокирала вагата.
Оваа Божикна ноќ срцето на Ана, кое Го допрела Божјата љубов, се отворило и се обратило кон Дарителот на сите добра. А грубиот трговец, тој, од оваа чудесна случка ништо не научил.
Кажано е: Кој има уши нека слушне
и кој има очи нека види…