Новата методологија за пристапните преговори што ја предлага Европската Комисија би била прифатлива, само ако оди во комбинација со тргање на ветото, особено од Париз, кое досега предизвика толку многу фрустрации, оценува во интервју за МИА Мар Гарсија Санз – генерална секретарка на Европската зелена партија.

– Генерално, Европските зелени ги поздравуваат предлозите бидејќи тие се во склад со обврските од Солун, го зајакнуваат пристапот базиран на индивидуални постигнувања и го наградуваат забрзаното темпо на реформи со зголемен пристап до политиките и фондовите на ЕУ. Сепак, сметаме дека политизацијата на проширувањето нема да се одвива без ризик бидејќи тоа може да ги охрабри обидите за поигрување со национализмот, ксенофобијата и националните чувства. Факт е дека проширувањето никогаш нема да добие замав, ако европските креатори на политиките не можат да ги убедат европските граѓани за нашите споделени одговорности за тој процес и за користа што самата ЕУ ќе ја има од вклучување на земјите од Западен Балкан во европското семејство на нации, вели Мар Гарсија која престојуваше во  земјава по повод подготовките на Советот на Европските зелени што треба да се одржи во јуни, во Скопје.

Запрашана за законот за јавно обвинителство, генералната секретарка на Европските зелени се согласува дека неговото усвојување ќе биде силен сигнал за надеж за граѓаните на Македонија во правосудниот систем и верба во демократијата.

– Владеењето на правото е основа за здрава и функционална демократија. Колку што знам, се уште има можност да се постигне потребното двотретинско мнозинство. Во политиката се е можно. Не би сакала да предвидувам што ќе се случи, вели Мар Гаесија.

Европската зелена партија заедно со Европската слободна алијанса се влијателна политичка група во Европскиот парламент. Со освоени 74 мандати на изборите лани, Европските зелени се сметаат за големи победници, бидејќи тоа се 24 места повеќе во однос на бројноста на групата во претходниот состав на Европарламентот. По изборите во мај лани, најавија дека ќе ја искористат својата новостекната моќ во фрактурираниот Европарламент за да спроведат агенда за итна климатска акција, социјална правда и граѓански слободи. ДОМ како зелена партија од земјава стана полноправна членка на Европските зелени во ноември 2017 година.

Во продолжение е целосното интервју со генералната секретарка на Европската зелена партија Мар Гарсија Санз.

ЕК ја презентираше новата предлог методологија за преговорите за проширување која од првите луѓе на Комисијата Фон Дер Лајен и еврокомесарот Вархеји беше оценета како вин-вин ситуација и за ЕУ и за земјите од Западен Балкан со која се сака да се врати кредибилиетот на ЕУ и да се овозможи предвидливост и динамичност на процесот, со поголемо политичко управување. Сепак експертите предупредуваат дека процесот се усложнува и политички и технички и дека проблематично останува прашањето на поставување и мерење на исполнетоста на условите – одредниците, особено со внесувањето на економските критериуми и јавната администрација во преговорите. Дали сметате дека новата методологија ќе го усложни процесот на преговори со внесувањето повеќе условености?

– Новата методологија дава можност за нова динамика на процесот на проширување на ЕУ. Се надевам дека тоа ќе резултира конечно со отворање на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија за време на хрватското претседателство.

Генерално, Европските зелени ги поздравуваат предлозите бидејќи тие се во склад со заложбите од Солун, го зајакнуваат пристапот базиран на индивидуални постигнувања и го наградуваат забрзаното темпо на реформи со зголемен пристап до политиките и фондовите на ЕУ.

Сепак, сметаме дека политизацијата на проширувањето нема да се одвива без ризик бидејќи тоа може да ги охрабри обидите за поигрување со национализмот, ксенофобијата и националните чувства. Факт е дека проширувањето никогаш нема да добие замав, ако европските креатори на политиките не можат да ги убедат европските граѓани за нашите споделени одговорности за тој процес и за користа што самата ЕУ ќе ја има од вклучување на земјите од Западен Балкан во европското семејство на нации.

Усвојување на новата методологија за пристапување беше услов од Франција за продолжување со процесот на проширување. Дали може да се очекува нашата земја да добие датум за преговори на самитот на ЕУ на 26 март кога предложената методологија треба да биде усвоена, со оглед дека треба едногласно да се донесе од сите земји членки?

– Новата методологија за пристапните преговори што ја предлага Комисијата би била прифатлива, само доколку оди во комбинација со тргање на ветото, особено од Париз, кое досега предизвика толку многу фрустрации.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава амбасадорот Самуел Жбогар ги повтори пораките од Вархеји до политичките партии во земјата дека иако не претстaвува формален услов, сепак законот за јавно обвинителство треба да се донесе бидејќи со тоа ќе покажете промена на начинот на мислење, она што е минимумот, потребен да се направи за отворање на преговори. Какви реперкусии ќе има по земјата доколку не успее да го донесе законот во кусиот рок до распуштањето на Парламентот заради одржување на предвремените парламентарни избори?

– Според моето сфаќање и од она што го видов што се случува во С. Македонија во изминатите три години има многу промени во размисlувањето во земјата. Договорот за пријателство со Бугарија и Преспанскиот договор се доказ за тоа. Двете историски спогодби со задоволителни решенија за тешки прашања, претставуваат сјаен пример за постигнување мирни решенија на долгорочни спорови.

Во однос на законот за јавно обвинителство, по зборовите на евроамбасадорот Жбогар, неговото усвојување ќе биде силен сигнал за надеж за граѓаните на Македонија во правосуден систем и верба во демократијата. Владеењето на правото е основа за здрава и функционална демократија. Колку што знам, се уште има можност да се постигне потребното двотретинско мнозинство. Во политиката се е можно. Не би сакала да предвидувам што ќе се случи.

Советот на Европските зелени ќе го организирате во јуни во Скопје, како јасна заложба за процесот на проширување на ЕУ за Западен Балкан. Може ли да очекуваме ако изостане во март, датумот да го добиеме на Загребскиот самит во мај и тој да се одржи во земја која ги почнала пристапните преговори со ЕУ?

– Ние Европските зелени веруваме дека се наоѓаме на критична точка и дека сега е моментот ЕУ да докаже дека е доверлив партнер способен да ги одржува ветувањата со отворање на преговорите за пристапување со С. Македонија и Албанија за време на хрватското претседателство.

Поглавјето 27 кое се однесува на заштитата на животната средина е едно од најскапите поглавја во процесот на пристапни преговори. Како ја оценувате подготвеноста на земјата на овој план и каде треба да ги фокусира напорите на ова поле – обновливи извор на енергија, третман на отпадни води, циркуларна економија…?

– Верувам дека постои голем потенцијал за подобрување на заштитата на животната средина во Северна Македонија. На пример, многу извори на загадување треба да бидат адресирани, но не поради Поглавјето 27 или процесот на пристапните преговори, туку заради доброто на македонските граѓани. Во тој контекст би сакала да ја истакнам работата на Зелената партија од Македонија – ДОМ. И покрај скромната застапеност во Парламентот, благодарение на нивната постојаност, донесени се важни одлуки кои ја прават основата за поголема одржливост на земјата: за урбаното зеленило, забраната на  рудници со површински ископи, и од неодмана преземањето првични чекори за забрана за увозот на отпад за производство на енергија.

Конечно, по поминати три дена во Скопје и од перспектива на обичен посетител на градот, подобрувањето на вашиот јавен транспорт и воведување одржливи критериуми во вашиот сектор на мобилност можат да бидат добар почеток.

Уште повеќе, секој аспект на бизнис секторот има голем потенцијал за енергетска ефикасност или иновативност, станувајќи еколошки.

Европската унија подготвува пакет на проекти за животна средина на Зелената агенда за земјите од Западен Балкан кој е доставен во ЕП според кој најмалку 25 проценти од сите средства за регионот ќе бидат насочени токму кон проекти за животна средина. Каков е ставот на Европската зелена партија?

– Европските зелени ја поддржуваат одлуката за алоцирање на фондови со кои ќе се овозможи зелената транзиција на нашите општества која е потребна. Сметаме дека трансферот кон поодржливи модели не е бесплатен и јавниот сектор треба да ја одигра својата улога.

Виолета Геров за МИА

Фото: Дарко Попов