Стотици медали, пехари, дипломи, голем број пријателства, впечатоци и спомени од огромниот број маратонски трки во изминатите три децении се единствената придобивка од оваа атлетска дисциплина поради која и во 54-тата година од животот не се откажува тетовецот Адем Селмани.

Неговиот ентузијазам не престанува и покрај никаквите услови во градот, а тој и постојано се обидува да биде доследен во остварувањето на животната желба да биде атлетичар во најтешката дисциплина. До пред неколку години редовно трчал на маратоните од по 42 километри, а во младоста и на ултрамаратони до 100 километри, како и планинско маратонско трчање. Сега се ограничува на полумаратонските трки на 5, 10 и 21 километар.

Во Тетово често пати го среќаваат луѓето како трча по улиците бидејќи во градот нема инфраструктура за тренирање атлетика. Освен по улиците на Тетово, трча и кон врвот од ридот Балтепе, околу Калето, како и долж патот што води до месноста Бањиче.

Тренинзите порано ги правел на спортско-рекреативниот центар, каде иако немало атлетска патека, имало доволно земјен простор за трчање, околу двете фудбалски игралишта. Откако општината го пренамени со приватен партнер за луна парк, Тетово остана без и тој скромен простор за атлетско трчање.

 

– Од кога нема каде да трчам таму, почнав да одам кон Калето. Не е само за мене тој проблем, за сите кои сакаат да трчаат. Мојот матичен атлетски клуб „Љуботен“ нема веќе младинци кои почнуваат во овој спорт. Едноставно нема место каде во Тетово да се трча, а уште помалку да се тренира атлетика. И тие неколку места каде би можело да се тренира, се зафатени од други клубови и така нема простор за било какви почетоци на некој кој би сакал да се бави со атлетика, објаснува нашиот соговорник.

Сепак Адем не се откажува, а борбата за добра кондиција ја продолжува секаде каде ќе најде добра прилика. Често пати тетовци кои пешачат кон Калето го среќаваат него како трча нагоре кон ридот Балтепе.

– Дневна рутина ми е околу 15 километри да истрчам. Претежно во последно време се обидувам да трчам во периодот од 9 до 11 часот изутрина. Трчам до Калето, но тоа е само подготовка. Главниот тренинг ми е трчање околу Калето. Сега зависи од планот за тренинг и обврските, некогаш и попладне трчам низ градот, рекреативно. Тоа е практиката неколку години, порано кога бев помлад сум трчал и тренирал два пати дневно. После попладне рекреативно трчање за опуштање, објаснува тетовскиот маратонец.

Сега кога веќе е во поодминати години често пати се соочува со повреди на нозете, особено на колената. Зимава, вели, ќе мора да оди на посебен преглед и лекување. И покрај тоа се обидува да биде доследен на желбата за тренирање и настапување на трки.

– Волјата за спорт е огромна кај мене. Спортските активности се важни и за здравјето на човекот. Воедно со атлетиката имам огромен број на пријатели низ целиот свет и тоа е тоа што ми ја одржува волјата и желбата за бавење со атлетика. Од бавење со атлетика нема можност за „заработка“. Од друга страна имам илјадници пријатели низ целиот свет. Дома имам повеќе неколку стотици медали, пехари и дипломи. Да ги соберам сите медали, може тежат 20-тина килограми, објаснува Селмани кој има 54 години.

Иако во време на пандемијата ограничени беа можностите за трки поради потребата од тестови, контроли и слично, годинава тој учествувал на националното првенство на 5 и 10 километри во Скопје, полумаратон од 21 километар во Крушевац (Србија), Охридски маратон на 32 километри како на последниот Скопски маратон.

-Сам си плаќам за одењето на трки. Во Крушевац сум патувал со автобус, платив хостел за да поминам со помалку трошоци. Настапувам во име на атлетскиот клуб „Љуботен“ но во овој спорт нема многу финансиска поддршка и така клубот не може да ми помогне. Со атлетиката се занимава од 1990 година, речиси над 30 години. Сепак нема откажување. Секој треба да се бави спорт. И покрај сите такви услови има прилика како до Бањиче, до Кале или слично да се најде време и место за трчање. Временските услови да не бидат застој за тренинг. Вежбањето е важно за здравјето. Маратонот е најтешката дисциплина во атлетиката, па по петнаесетина години ваква активност мислам дека издржливоста ми е поголема од колку кај другите, се шегува Селмани споменувајќи дека еднаш во Белград го истрчал маратонот иако цела ноќ патувал.

Освен маратоните на 21 и 42 километри Селмани трчајќи има направено неколку поголеми подвизи.

Во мај 2006 година со нозе помина 60-тина километри од Скопје преку Тетово до Титов врв на 2747 метри надморска височина. Од Скопје до Тетово возеше велосипед, а потоа трчаше 22 километри од Тетово до Попова Шапка. На Попова Шапка стигна во 6 часот наутро за да им се приклучи на планинарите кои тргнаа кон Титов врв, каде пак пристигна меѓу првите. Во ноември 2005 со трчање помина 104 километри поминувајќи ја делницата од Тетово до Приштина. Во Шведска заедно со Данец и Шпанец за 20 денови истрча ултра маратонот од 900 километри.

Од редовните маратони учествувал на манифестациите во Белград, Софија, Истанбул, Приштина и Карловац. Најдобар резултат бележи 2017 година во Софија, Бугарија каде истрчал полумаратон од 21 киломатар за 1 час и 17 минути. Настапувал и на Светско првенство во планинско трчање во Бурса во Турција во 2007.

Александар Самарџиев за МИА