Благодарение на континуираната поддршка од европските фондови, што нашите земјоделци ја добиваат, македонските вина и храна имаат свој препознатлив печат и се почитувани не само на Балканот, туку и низ светот, вели заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

На својот Фејсбук-профил, Маричиќ пишува дека Европската комисија веќе ја има усвоено програмата ИПАРД 3 во која се доделени 97 милиони евра европски средства. Тие ќе се искористат за поддршка на инвестиции во нова земјоделска механизација, изградба на сточарски и живинарски фарми, винарии, млекари, кланици, ладилници, инвестиции во рурален туризам, поддршка за мали бизниси во рурални средини и подобрување на руралната инфраструктура.

Во пресрет на одржувањето на Саемот за вино, храна и туризам, во рамки на „Отворен Балкан“ од 1 до 4 септември во Белград, каде ќе може да се вкусат и искусат автентичните македонски вина и храна, Маричиќ вели дека виното е еден од нашите најважни стратешки производи и втор најизвезуван во Европската Унија, која е најзначаен партнер во трговијата со земјоделско-прехранбени производи на Македонија

-Со членството во Унијата, во областа на вино и храна, ќе се овозможи македонските земјоделци да имаат слободен пристап на единствениот пазар на ЕУ. С. Македонија да биде дел од Европската економска зона и од единствениот пазар на државите членки на ЕУ, со што се отвораат нови можности за македонските производители. Да регистрираме и заштитуваме земјоделски производи, кои се веќе регистрирани и заштитени со национални ознаки на потекло, географско потекло или гарантиран традиционален специјалитет, пишува вицепремиерот.

Тој додава дека македонските земјоделци, исто така, ќе имаат пристап до значаен дел од фондовите на ЕУ, кои ќе бидат на располагање за финансирање на руралниот развој, со кои ќе имаат можност за полесно модернизирање на земјоделството и производство на многу поквалитетни и поконкурентни производи.

-Се овозможува и отворен пазар за произведената македонска храна, како и подобрен квалитет и хигиена на храната, 100 проценти безбедна, сигурна и конкурентна на европскиот пазар, се вели во Фејсбук објавата на вицепремиерот Бојан Маричиќ.