Оптимист сум дека до крајот на скринингот ќе успееме да ги завршиме уставните измени, зашто мислам дека е незамислива ситуација во која ние самите би се блокирале, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по настанот посветен на отпочнување на Механизмот за граѓанска отпорност на Европската Унија.
По првпат во нашата историја, според вицепремиерот, блокадата е во наши раце, а досега била во рацете на соседите.
– Доколку ги направиме уставните измени нема да има блокада, нема да зависи од никој друг понатамошната фаза и веднаш ќе биде свикана втората меѓувладина седница. Доколку не ги завршиме тие задачи, тогаш оставаме простор по завршувањето на скринингот да не можеме да организираме нова меѓувладина седница. Така што мислам дека сите ќе бидат на висина на задачата и доволно свесни да сфатат дека е потребно да се даде поддршка, особено зашто низ годините во минатото имаме правено потешки уставни измени од овие, нагласи Маричиќ.
Прашан како ќе се одрази неуспешната лидерска средба на процесот на скринингот, Маричиќ рече дека скринингот тече непречено и оти вчерашната средба беше само почеток на политичкиот дијалог.
– Процесот на скринингот тече непречено од 15-ти септември наваму, без разлика на исходот на која било средба меѓу политичките партии. Впрочем вчерашната средба беше почеток на политичкиот дијалог и тоа ќе трае. Ние скринингот ќе го спроведуваме до ноември наредната година и досега тече успешно, рече вицепремиерот додавајќи дека досега имаме завршено три кластери од преговорите со објаснувачки скрининг.
На крајот од оваа недела, во петок, како што најави, започнува билатералниот скрининг.
– По првпат го правиме, тоа е една нова фаза, и се подготвуваме интензивно за тоа. Почнуваме со Поглавјето 5 – Јавни набавки во рамките на кластерот темелни вредности. Парламентот има важна улога исто како и граѓанските организации, секој ќе треба да заземе своја улога и да покрие свој дел од одговорноста во процесот на преговорите. Парламентот има особено силна улога заради европските реформи кои треба да ги направиме и ние сме подготвени заедно да направиме реформски план кој ќе помине во Собранието и кој ќе биде спроведуван делумно и во Собранието, но исто ќе треба да се разговара и за другите чекори, и за уставнтие измени. Лесно е да се даде поддршка декларативно за евроинтеграциите, но вистинската поддршка се покажува кога доаѓа на ред да се носат тешктие одлуки за државата, потенцира вицепремиерот Маричиќ.