Овој убав ден повторно го искористивме да ве посетиме од врата до врата, за поддршка на нашиот претседател Стево Пендаровски број 1, објави вечерва вицепремиерот Бојан Маричиќ за кампањата на Пендаровски, кандидат на СДСМ за уште еден мандат за претседател.
– Драго ми е што граѓаните во Аеродром знаат што е најдобро за сите нас. Претседателот Пендаровски и нашата коалиција за бројни социоекономски придобивки се изборот за европска иднина. Благодарам на нашите пријатели низ градот, не се откажуваме од нашата иднина, објави Маричиќ на својот профил на Фејсбук.
Маричиќ објавува и фотографии од денешната „акција од врата до врата“ за Пендаровски во скопската населба Аеродром, каде што вчера беше изведена герила акција со голем транспарент на кој пишува: „Аеродром ќе му помогне на Стево да се исели!“.
Транспарентот се однесува на изјавата на Пендаровски, кој во една дебата рече дека и тој би се иселил од Македонија, ако не беше претседател.
(Д. Г.)