Предлогот законските измени на ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на важноста на патните исправи е правна несигурност за граѓаните, изјави вечерва вицепремиерот Бојан Маричиќ на новинарско прашање.
„Предлогот кој го дава ВМРО-ДПМНЕ е несериозен и директно се коси со Уставот и за жал нема да им помогне на граѓаните. Ние би го разгледале сериозно доколку помага. Но ние да продолжиме валидност на пасошите за да тие важат дома, а да не може да ги употребат граѓаните надвор мислам дека тоа е нешто кое граѓаните ќе ги доведе до уште потешка ситуација од таа која е сега“, изјави Маричиќ.
Тој додаде дека продолжувањето на важноста на возачките дозволи и сообраќајните има смисла бидејќи тие се користат на територија на Македонија.
„Во однос на пасошите ние може да влеземе во една сериозна правна несигурност за која нема да може да знаат граѓаните на кој граничен премин или на кој аеродром би биле застанати, а ние да им кажеме дека пасошите им се важечки“, додаде Маричиќ.
Тој рече веќе се разговарало на Влада за динамиката на надминување на овој проблем, а се воделе и разговори со компанијата која ги доставува обрасците, со цел проблемот целосно да се надмине до лето.