Нов раст на функционерските плати. Зголемувањето ќе биде од 300 до 500 евра, во зависност од позицијата. Па така, шефот на државата ќе зема околу 3 илјади евра плата, слична сума и премиерот, а пратениците над 2 илјади евра, објави ТВ Сител.

Откако лани платите пораснаа за 78%, Владата најави дека сама ќе ги скрати платите, па се премисли и формираше работна група, денеска техничкиот премиер кажа дека пресметката не може да ја регулира секој.

„Методологија на пресметување на плата е, и не е работа дали е за функционерите или не. Тоа е методологија која ќе се спроведе со оглед на заклучокот на статистика по однос на бројките коишто произлегуваат од минатата година. Тоа не е работа што може да кажете дека може да го регулира овој или оној“ – Талат Џафери, технички премиер

Ваквото зголемување ќе биде редовно секоја година, оти Уставниот суд ја укина фиксната основица, па сега, како расте просечната плата, така ќе растат и платите на министрите, судиите, обвинителите, градоначалниците…вкупно 1.060 функционери.