Интересот на граѓаните е да има функционални институции, а за тоа мора и политичарите, но дел и судиите и јавните обвинители да преземат одговорност, порача министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за Радио телевизија Црна Гора.
Според него, воопшто не беше лесна задача да се почне реформирање на правосудството со деструктивна опозиција, со блокади од внатре од институциите и со отворени прашања со соседите.
-Денес имаме правосилни пресуди против поранешни и сегашни функционери, тоа значи дека направивме еден сериозен процес во којшто никој не беше над законот, имаше неселективно спроведување на законот и процес кој мораше да го прочисти правосудството. Тоа не е сè уште не е завршена работа, наведе министерот за правда.
На прашањето за реформите кажа дека целата на Владата е со законодавна интервенција и како што потенцира, нормално со имплементација на законите да дојдеме до точка кога ќе имаме доверба во правосудството, одговорност и отчетност на секој судија и секој обвинител, без разлика што имаат неограничен мандат, без разлика што се независна власт, секој којшто е на јавна позиција, на јавна функција треба да се чувствува одговорност и да биде одговорен пред граѓаните..
За евроинтеграциите на земјава, во период којшто следи Маричиќ очекува од Унијата и сите држави членки поголем ангажман затоа што како што вели, единствен начин е тоа да се надмине кризата на европската политика на Балканот.
-Ние како Влада направивме многу последните четири години и решавањето на спорот со Грција и враќање на државата на проевропскиот пат и крупни реформи, не добивме за жал датум за почеток на преговорите и тоа направи фрустрација кај граѓаните. Тоа е важен сигнал и за Европската Унија, рече Маричиќ.