Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ преку својот профил на Фејсбук информира дека попладнево во Скопје ги пречекал и им посакал добредојде на високиот претставник за надворешни работи на Европската Унија, Жозеп Борел, и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
– Имав чест да посакам добредојде на големите пријатели на С. Македонија, потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. Политичка поддршка која државите од Западен Балкан ја имаме треба да ја искористиме и да ги загарантираме стабилноста, мирот и европската перспектива на регионот.
На утрешната седница на Советот за стабилизација и асоцијација ќе имаме можност да разговараме за статусот на реформите, напредокот во евроинтеграциите и за билатералните односи во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Им посакувам успешен престој и со убави вести за регионот да заминат од нашата држава, која е пример за надминување на спорови по мирен и дипломатски пат, објави Маричиќ.
Доаѓањето на Борел и на Вахреји во Скопје е во пресрет на утрешниот 16-ти состанок на Советот за стабилизација и асоцијација Македонија – ЕУ кој ќе се одржи во Владата, а со кој ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски.