Нема силен европски блок и силна европска влада без СДСМ. Сигурни сме дека граѓаните ќе се определат за партии коишто дават поддршка на европските интеграции и коишто сакаат да продолжиме по тој пат, порача вицепремиерот и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ во вечерашното интервју на емисијата Клик плус на ТВ 21.
Тој говореше за европските перспективи на државата и потенцираше дека СДСМ има јасно утврдени чекори за наредните седум години, со цел Македонија до 2030 година да стане рамноправна членка на Европската Унија.
-Ние знаеме дека не е едноставно да се оствари тоа ветување, но тоа секако е една од определбите на СДСМ. Не сакаме да застраниме од тој пат, бидејќи знаеме дека граѓаните сакаат во ЕУ. Јас не велам дека ЕУ била целосно фер кон нас, но вистинското прашање е која е нашата реална алтернатива. Да прашаме кој е планот на Силјановска и на ВМРО-ДПМНЕ? Знаат ли што ќе прават доколу добијат прилика? Јас сум сигурен дека не смеат да соопштат што им е вистинска намера, а тоа е да ја блокираат државата подолгорочно, рече Маричиќ.
Според Маричиќ, Претседателот Стево Пендаровски достоинствено ја претставува државата, стратешки е определен за ЕУ и за НАТО и покажа дека е еднаков кон сите граѓани и кон сите политички партии.
-Сите граѓани и сите политички субјекти треба да се определат дали се за еден кандидат како Пендаровски, којшто знаеме каде ќе ја води државата, којшто има стабилен правец, јасна политика, и влева доверба кај секој граѓанин, наспроти Силјановска која нема одговорено на речиси ниту едно прашање важно за граѓаните и којашто може да биде само реприза на Ѓорге Иванов од пред пет години, истакна Маричиќ.
Говорејќи за изборната програма на СДСМ, Маричиќ објасни дека станува збор за платформа која ќе опфати длабоки реформи, поинакви практики од досегашните и платформа која подразбира раст на платите и пензиите и животниот стандард на граѓаните.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ