Интензивно се разговара со бугарската страна во рамки на декларацијата на Собранието и нашите црвени линии и интереси, а дали ќе се постигне договор тоа сега зависи од Бугарија, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

– Можно е фер решение. Сметаме дека најдобро е процесот да се заокружи со сеопфатен документ, кој што јасно ќе ги утврди обврските и на наша, но и на бугарска страна. Секако сме разговарале за тоа и досега, се останато е на неодреден терен. Формата е помалку важна, важна е содржината кои чекори да се направат и тие да водат кон тргање на ветото, па да имаме попријателска агенда. Ние ги водиме разговорите на таа основа. После настанот во Битола има одреден застој, но комуникацијата не е прекината, рече Маричиќ во гостувањето на Дневникот на ТВ Сител.

Тој повтори дека земјава е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ, а дали тоа ќе се случи зависи од позицијата на Бугарија, но и од амбиентот што ќе се создаде во Унијата. Во контекст на војната во Украина и сите кризи кои ни се случија нам и на Европа, вели вицепремиерот, вистински момент е тоа да се случи за време на француското претседателство.