Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните.
Ова го истакна министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција по повод добиеното мандатно писмо од премиерот Зоран Заев.
Тој посочи дека правдата, заедно со економијата и евроинтеграциите, се врвни приоритети на Владата во овој втор мандат.
-На првата седница на Владата ми беше доделено Мандатно писмо од страна на премиерот Зоран Заев, во кое се наведени задачите и мисијата, кои, како министер за правда треба да ги исполнам. Во мандатното писмо се наведени обврските и реформите кои треба да ги спроведам, а се однесуваат на судството и обвинителството, евроинтеграциите, Изборниот законик и подобрување на услугите кон граѓаните, рече Маричиќ.
Довербата на јавноста во правосудството, како што посочи, е на загрижувачко ниско ниво.
-Граѓаните бараат правда и очекуваат брза завршница на предметите во судовите, граѓаните бараат еднаквост пред законот. Транспарентно и одговорно судство и обвинителство се предуслови за нормално функционирање на владеењето на правото. Кога довербата на јавноста во правосудството е на ниско ниво, тоа значи дека граѓаните се скептични и не веруваат во одлуките на судовите, дека тие не обезбедиле еднаквост пред законот. Не смее да има недопирливи пред законот и институциите, рече министерот за правда.
Според него, кога граѓаните се сомневаат во функционирањето на столбовите на државата, последиците се катастрофални.
– Нашите млади не ја напуштаат државата единствено од финансиски причини, тие ја напуштаат државата бидејќи сметаат дека институциите не функционираат и дека тоа нема да се промени. Алармот одамна е вклучен, додаде Маричиќ.
Кога граѓаните ќе веруваат во одлуките на судовите и обвинителствата и кога тие вистински ќе бидат независни, како што истакна Маричиќ, тогаш тие ќе може и најдобро да ја вршат својата функција и да ја контролираат подобро извршната и локалната власт, ќе може да воспостават еднаквост пред законот.
– Мојата мисија како министер за правда е да ја вратам надежта на граѓаните преку зголемување на одговорноста, отчетноста и ефикасноста на судиите и обвинителите. Уште од првиот ден од мојот мандат, започнав со работа во интерес на граѓаните со цел правдата да биде достапна за сите. На мој предлог, Владата ја усвои предлог-измената на Законот за судските такси, со која судските такси се намалуваат за седум пати на максималната судска такса за физичките лица. Со други зборови, максималната судска такса за физичките лица, за граѓаните, се намалува од 48.000 денари на 6.000 денари, рече министерот за правда.
Најприоритетната задача, како што посочи, е да спроведеме длабоки и суштински реформи во правосудството, односно да започнеме процес на ефикасно и објективно прочистување на правосудството.
-Моделот за прочистување на правосудството го најавив во првите 100 дена од мојот мандат, кога впрочем и премиерот Зоран Заев ќе спроведе преглед на сработеното на членовите на Владата. Ова подразбира проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција. Судскиот совет, од своја страна, пак, во согласност со новите закони, треба да направи детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично, додаде министерот за правда.
Паралелно на овој процес, како што најави Марчиќ, на почетокот на наредната година се очекува да започне ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство но и домашните експерти.
-Ние сме прва држава во регионот која од Европската Унија побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани со високата корупција, додаде тој.
Со овој процес се очекува, како што посочи, да се зголеми кредибилитетот на судските одлуки и процеси во целина, како и одговорноста на обвинителите и судиите во однос на ефикасноста во постапувањето.
Министерот за правда денеска најави и ревизија по случаен избор на 5% од предметите од висок профил, на случаи кои застариле да се утврди причината, итн.
– Моја мисија е и да предложам со законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и континуирано да ја информира јавноста за својата работа и напредокот во предметите кои ги следат граѓаните, рече тој.
Понатаму, како што нагласи, ќе работи на унапредување на АКМИС-от и електронско поврзување на судовите со јавните обвинителства, задолжителна електронска комуникација со адвокатите, извршителите, нотарите, медијаторите, Агенцијата за катастар на недвижности, Централниот регистар, Државното правобранителство и други субјекти.
-Во соработка со Владата, ќе предложиме нов модел за спречување на злоупотребите на системот на судии- поротници преку промена на начинот на избор, одредби за конфликт на интереси, зајакнување на одговорноста на поротниците и посебни процедури за гласање при донесување на одлуки, додаде министерот за правда.
Најави дека ќе ги вложи сите напори за кадровско зајакнување на судовите и обвинителствата и зголемување на бројот на стручни соработници за поефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата.
-На врвот на листата на приоритетите е и успешен почеток и непречено спроведување на пристапните преговори со Европската Унија за Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права. Во моментот се договара преговарачката рамка и се надевам дека првата меѓувладина конференција ќе ја имаме до крајот на годинава, истакна Мричиќ.
Еднакво важно, како што посочи се и измените на Изборниот законик со кој ќе се воведе принципот на отворени листи уште при следните локални избори.- Директниот избор ќе значи поголема врска на избраните со нивните сограѓани, наместо силна врска и зависност само од политичките партии, додаде Маричиќ.
Без разлика на етничката и партиска припадност, пол, сексуална ориентација, родов идентитет, раса, боја на кожа, потекло или социјален статус – се обврзувам, како што истакна министерот за правда, да го слуша гласот на јавноста и да го штити јавниот интерес и човековите права.
Истакна дека ќе се погрижи носителите на јавните функции и службениците кои работат под негова надлежност да се придржуваат до највисоките стандарди за одговорно и етичко управување со институциите.
Процесот на евроинтеграција, како што истакна министерот за правда, продолжува уште позасилено. -Владата, институциите, се подготвени за старт на преговорите со ЕУ и отворање на првите поглавја. Следува период на трансформација и европеизација на нашата татковина, истакна Маричиќ на прес-конференцијата.